ОД СИТЕ СКОПСКИ ОПШТИНИ САМО ЧАИР НЕ ПЛАЌА ЗА СОБИРАЊЕ ЃУБРЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“

    ОД СИТЕ СКОПСКИ ОПШТИНИ САМО ЧАИР НЕ ПЛАЌА ЗА СОБИРАЊЕ ЃУБРЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“Општина Чаир ѝ должи 7 милиони денари на „Комунална хигиена“. (Фото: Принтскрин видео на Комунална хигиена)

    Од сите скопски општини само Чаир ни должи седум милиони денари за собирање на ѓубрето, вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми. Тој испрати соопштение до медиумите во кое го обвинува градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, дека не им плаќа за собирањето на ѓубрето низ општината.

    „Овој долг сериозно ја отежнува нашата секојдневна работа. Сепак, и покрај сè, ние продолжуваме со редовно чистење и празнење на контејнерите на секоја точка за собирање отпад. Она што е уште позагрижувачки е дека Општина Чаир не се грижи за отстранување на гломазниот отпад, иако постојано рекламира акции што во реалноста не се реализираат“, вели Рустеми.

    Тој вели дека имале сигурни информации дека во неколку случаи самата општина организирала фрлање на отпад надвор од контејнерите, со цел да се создаде хаос и вината да се префрли на претпријатието.

    „Ова однесување не само што е неодговорно, туку директно ги оштетува граѓаните и животната средина. Поради оваа вонредна ситуација принудени сме да користиме багери за да го отстраниме неправилно фрлениот отпад, нешто што не е вообичаено за еден град што цели кон чистота. Општина Чаир е единствената во Скопје која, освен што не соработува, самата создава хаос во управувањето со отпадот. Упатувам апел до институциите да интервенираат“, додава во соопштението директорот на ЈП „Комунална хигиена“.

    Во Скопје има сериозен проблем со подигнувањето на сметот од контејнерите, па градот е затрупан со ѓубре. Но, и покрај тоа, градоначалничката Данела Арсовска тврди дека тие редовно чистат и нема никаков застој во динамиката, туку намерно се прават депонии и се фрла ѓубре покрај контејнерите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира