Поранешниот заменик премиер на Србија, Воислав Шешењ не е виновен за злосторства против човештвото во Хрватска и во Босна, извршени во периодот од 1991 до 1993 година, пресуди денеска Хашкиот трибунал за поранешна Југославија.
Шешељ, кој беше лидер на националистичката Српска радикална партија (СРП), беше обвинет за поттикнување и финансирање злосторства против Хрвати, муслимани и друго несрпско население, извршени од српските сили.
Тој беше обвинет по девет точки, при што обвинителството побара казна затвор од 28 години. Шешељ се изјасни дека не е виновен, но рече дека очекува да му се досудат 25 години.
Пресудата беше изречена во отсуство. Шешељ боледува од рак и во моментов се наоѓа на медицински третмани во Србија.
Шешељ му се предаде на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во февруари 2003 година, неколку дена по покренувањето на обвинението против него. Тој 12 години мина во притвор, а во ноември 2014 година од здравствени причини беше пуштен да се врати во Србија.