ОХРИДСКИТЕ УГОСТИТЕЛИ НУДАТ ПОЧЕТНИЧКА ПЛАТА ОД 30.000 ЗА КЕЛНЕР И НАД 60.000 ДЕНАРИ ЗА ГОТВАЧ ЗА ДА НЕ ИМ БЕГААТ МЛАДИТЕ ВО СТРАНСТВО

    ОХРИДСКИТЕ УГОСТИТЕЛИ НУДАТ ПОЧЕТНИЧКА ПЛАТА ОД 30.000 ЗА КЕЛНЕР И НАД 60.000 ДЕНАРИ ЗА ГОТВАЧ ЗА ДА НЕ ИМ БЕГААТ МЛАДИТЕ ВО СТРАНСТВОУчениците во средното угостителско-туристичкото училиште „Ванчо Питошески“ имаат и пракса во хотелско-угостителските објекти. (Фото: СДК.МК)

    Охридските угостители и хотелиери и годинава бараат кадар за престојнава туристичка сезона. Недостигот од персонал ги натера да ги зголемат платите за келнерите и готвачите. но и покрај тоа, младите и понатака заминуваат во странство за далеку поголема заработка. Во Охридското угостителство се нудат плати од 30.000 денари па нагоре за келнер и над 60.000 денари за готвач, што е далеку над просекот во земјава, но нема интерес кај работниците кои имаат искуство, туку кај почетниците кои поради ваквата состојба добиваат шанса за добра заработка.

    „Нудиме добри плати, но никој не се јавува на огласите. Приморани сме да примаме млади без искуство оти оние кои долги години работеа кај нас веќе неколку години преку лето заминуваат во Хрватска“, вели менаџер на ресторан.

    Туристичкиот сектор на охридско-струшката ривиера лани слободните места ги пополнуваше со носење странски кадар, претежно од Турција, Непал, Филипините и од Индија, но тоа според многумина не се покажа како добра опција, оти се носеа лица кои не го познаваат јазикот, културата, навиките. Повеќето од нив за кратко ја напуштија државата.

    Претседателот на Хотелската асоцијација (ХОТАМ) Крсте Блажески, вели дека со зголемување на платите полесно се стигнува до персонал. Моментално, според него, скоро и да нема вработен во угостителството кој зема минимална плата. Но, како што вели, не се само платите причина за неповолните прилики, државата мора да ја помогне индустријата, да ја подобри инфраструктурата, а со тоа да создаде услови за развој на туристичко-угостителската дејност.

    „Во туризмот ни фалат работници, но зголемените плати го намалија трендот да имаме одлив на кадри и тоа е добро. Состојбата за разлика од минатата година е ублажена. И во овој период се обезбедува кадар од надвор, но секако поголем е интересот кај нашите работници“, смета Блажески.

    Според менаџментот на Општинското угостителско-туристичко средно училиште „Ванчо Питошески“, расте и бројот на учениците кои се одлучуваат за стручно квалификување. Учениците покрај теорија имаат и пракса во хотелско-угостителските објекти каде стекнуваат вештини и знаења за професионален развој, а имаат и бесплатно сместување и храна во домот кој е во сопственост на училиштето.

    Според директорот Тони Адрески, професиите келнер и готвач полека стануваат ценети и барани во земјава, но и во регионот.

    „Има голем недостиг на кадар во туристичко-угостителскиот сектор, но радува фактот што стануваме сè попривлечни како образовна институција кај младите и со тоа придонесуваме во професионалниот развој на туристичкиот сектор“, вели директорот Андрески.

    Според Васил Талески, професор по готварство, за угостителските струки најважна е праксата.

    „Во последниве години имаме голем број на ученици кои ни доаѓаат од други градови, бидејќи во моментов најбарана струка на пазарот на труд се токму готвачите и келнерите. Готвачите денес се ценети, се добро платени, но нивните права треба да се корегираат, да се средат. Да имаат слободен ден во неделата и годишен одмор како и сите останати работници“, вели Талески.

    Туристичките работници признаваат дека проблемот со недостигот на кадар е последица од минатите години, кога имало мали плати, но велат дека ако има системска грижа младите кадри можат да се задржат и во земјава.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира