Во трката за Оскарите 2017, политиката засегна неколку категории, но највеќе онаа за најдобар странски филм.
Иранскиот режисер Асгар Фархади, кој освои Оскар во 2012 за „Разделба“ и чијшто втор филм номиниран за Оскар „Трговецот“ игра во над 65 кина во САД и заработи над 1 милион долари, го сврте вниманието кога ги откажа плановите да дојде на доделувањето, што ќе биде ноќва, по забраната на Трамп за влез на муслимани од 7 земји, меѓу кои и Иран. Фархади сега е меѓу фаворитите да освои Оскар.
Пред и по ручекот на номинираните за Оскар на 6 февруари, Фархади комуницираше со колегите номинирани за странски филм – Марен Аде за „Тони Ердман“, Ханес Холм за „Човекот наречен Ове“, Мартин Зандвлиет за „Земја на мини“ и Бентли Дин и Мартин Батлер за „Тана“. Разговарале за тоа како заеднички да одговорат на мерките на САД.
Тие напишаа колективна изјава, која ја прочитаа на протестот пред агенцијата УТА во Беверли Хилс, каде преку видео бим беше проектиран и Фархади. Во изјавата велат дека се против „климата на фанатизам и национализам што ја гледаме денес во САД и во многу други земји, во делови од популацијата и најстрашно од сѐ, меѓу водечките политичари.
„Стравот што се создава со тоа што се делиме по пол, боја, религија и сексуалност како средство да се оправда насилството го уништува она од кое зависиме – не само како уметници, туку и као луѓе: разновидноста на културите, шансата да нѐ збогати нешто што изгледа ‘странско’ и вербата дека човечкиот контакт ќе нѐ промени на подобро. Овие ѕидови за поделба ги спречуваат луѓето да почувствуваат нешто едноставно, но многу суштинско: да откријат дека сите ние не сме баш толку различни“, велат номинираните за Оскар и додаваат:
„Без оглед кој ќе освои Оскар за најдобар странски филм в недела, одбиваме да мислиме на граници. Веруваме дека нема најдобра земја, најдобар пол, најдобра религија, најдобра боја. Сакаме оваа награда да стане симбол за единството меѓу нациите и за слободата на уметноста. Човечките права не се нешто за што се аплицира. Тие едноставно постојат – за секого. Од оваа причина, ја посветуваме оваа награда на сите луѓе, уметници, новинари и активисти кои работат да се постигне единство и разбирање, и кои ги унапредуваат слободата на изразувањето и човечкото достоинство – вредности чија заштита сега е поважна од било кога. Со посветување на Оскарот на нив, сакаме да ја изразиме нашата длабока почит и солидарност“, се вели во изјавата на петтемина номинирани за Оскар за странски филм.