По четири дена протести, медицинските сестри на Клиничката болница во Тетово протестот го ставија во мирување на одредено време. Рекоа дека не се откажуваат од своите барања туку дека очекуваат нивниот проблем да го реши новиот министер кој наскоро треба да биде назначен. Тие, заедно со лица од техничката и административната служба на Клиничката болница во Тетово, бараат да добијат вработување на неопределено време и да им се исплатат две заостанати плати.
„За првпат собравме сили нашиот глас да се слушне преку медиумите, бидејќи не бевме поддржани ниту од компетентните лица од Клиничката болница, ниту од колегите и синдикатот. Одлучивме да го прекинеме протестот и да се повлечеме тивко и достоинствено како што ни доликува. Но ова повлекување не значи дека ќе прекинеме да ги бараме нашите права за вработување. Ќе чекаме одговор од болницата, од Министерството за здравство и од Министерството за финансии“, изјави Лидија Коруновски, ангажирана во администрацијата на болницата.
Околу 140 лица, од кои поголемиот дел се медицински сестри, протестираа четири дена прекинувајќи ја работата на извесен период, барајќи на тој начин да добијат вработување на неопределено време, а не на договор за дело. Најголемиот дел од нив решението за трајно вработување го чекаат 5-6 а некои и по 10 години. Сите досегашни министри за здравство им ветуваа дека ќе се реши нивниот проблем, но сè остана само на ветување.
З. АНДОНОВ