Доналд Трамп изјави дека е многу изненаден и разочаран од критиките на Илон Маск на новиот закон за буџетот.
„Илон и јас имавме одличен однос, не знам дали ќе имаме пак. Тој не е првиот кој излегол од владата, па станал непријателски расположен. Тоа е Трамповиот синдром на пореметување“, им кажа Трамп на новинарите во Белата куќа.
Ова е најдиректниот напад на Трамп врз Маск откако тој излезе од владата, каде што како шеф на Одделот за владина ефикасност ги предводеше напорите за намалување на администрацијата и сојузните трошоци. Маск објави дека ја напушта Белата куќа само ден откако кажа дека е разочаран од „големиот, прекрасен закон“ на Трамп, велејќи дека тој само ќе го зголеми дефицитот против што се бореле. Вчера ги засили критиките на законот, опишувајќи го како чудовиште.
„Законот е исполнет со свинско месо и е расипничко трошење на владата. Или имате голем и грд закон или убав и тенок“, напиша Маск на Икс откако беше критикуван од Трамп.
Трамп вели дека законот е неверојатен и ќе значи огромно намалување на даноците.
„Повеќе би сакал Маск да ме критикува мене отколку законот. Мислам дека Маск е вознемирен затоа што администрацијата ги укина федералните обврски за електрични возила. Маск го знаеше ова од самиот почеток, но знам дека тоа го вознемирило“, рече Трамп.
Маск потроши речиси 250 милиони долари на кампањата на Трамп.
„Каква неблагодарност! Без мене, Трамп ќе ги изгубеше изборите“, напиша Маск на Икс во продолжението на кавгата.