Јубилејната 25. Вардарска регата, која годинава по вторпат ќе плови до Солун, ќе се одржи од 19 до 24 јуни. Иако интересот бил голем со над 200 пријавени, бројот на учесници е ограничен на 60 поради организациски можности. Организатор е Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ од Велес.
Регатата ќе се одвива со десет гумени чамци. Гемијата нема да плови поради сувиот премин кон Грција. Поаѓањето е порано оваа година, а учесниците ќе добиваат дотур на вода од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Пловењето започнува на 19 јуни со ноќевање на воениот полигон Криволак. Потоа, на 20 јуни се ноќева во Демир Капија, а на 21 јуни се плови до Марвинци, од каде по 6 километри на суво минати преку граница, се стигнува до Евзони за ноќевање. На 22 јуни се спие во Акропотамис, а последната вечер, на 23 јуни, во Солун.
Оваа година се предвидени извиднички активности во Евзони, Поликастро и Солун. Централната манифестација ќе се одржи на Плоштадот Аристотел во Солун, каде ќе се дружат солунските и велешките извидници. Регатата добива финансиска поддршка од Европската скаутска организација, што ќе овозможи набавка на нови пловила и мотори, особено потребни за пловење низ делтата на Вардар пред Егејското Море, каде текот е мирен и веслањето е отежнато.
Вардарската регата и оваа година ќе биде меѓународна, со пријавени учесници од четири поранешни југословенски републики. Минатогодишното учество на извидници од Србија и БиХ предизвика регионален интерес. Оваа година ќе учествуваат и четири рафтинг екипи од Хрватска, Црна Гора, Србија и БиХ, кои се заинтересирани да искусат како се минуваат 260 километри само со веслање, бидејќи во рафтинг турите се користи брзината на реката.
П. ПЕЧКОВ