АКО ВИ Е ДАЛЕКУ КОЧАНИ И НЕ НÈ СЛУШАТЕ, СЛЕДНИОТ ПАТ ЌЕ ДОЈДЕМЕ ВО СКОПЈЕ, РЕКОА РОДИТЕЛИТЕ НА НАСТРАДАНИТЕ ОД КОЧАНИ ЛУТИ НА ВЛАСТА

    АКО ВИ Е ДАЛЕКУ КОЧАНИ И НЕ НÈ СЛУШАТЕ, СЛЕДНИОТ ПАТ ЌЕ ДОЈДЕМЕ ВО СКОПЈЕ, РЕКОА РОДИТЕЛИТЕ НА НАСТРАДАНИТЕ ОД КОЧАНИ ЛУТИ НА ВЛАСТА„Нема да нѐ поколебаат коментарите на вашите ботови на социјалните мрежи“, кажа една од мајките на протестот. (Фото: МТ-НЕТ ТВ)

    Во Кочани денеска се одржа деветтиот „Марш на ангелите“ во чест на загинатите и повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“. Револтираните родители на жртвите побараа оставки од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи ги институциите за недостаток на правда.

    Една од мајките на загинатите се обрати до властите, велејќи дека ветувањата за правда не се исполнети.

    „Ни велевте да се стрпиме уште некој месец и ќе ги видиме ефектите од сработеното. Видовме едно големо ништо. Дури и оние кои ги уапсивте ги ослободивте за неколку недели и денес се со своите семејства, за разлика од нашите деца кои не можеме никогаш веќе да ги видиме. Нема да нѐ поколебаат коментарите на вашите ботови на социјалните мрежи. Нема да нѐ поколебаат заканите затоа што повеќе немаме што да загубиме. Кажете што ви згрешија нашите деца, зошто плукате по нив? Ако ви е далеку Кочани и не нè слушате, наредниот пат ќе дојдеме ние во Скопје“, порача таа.

    Друг родител јавно го искина писмото што го добил од претседателката, нарекувајќи ја „званична маќео“.

    „Ни вети дека ќе биде мајка за сите граѓани. Тоа што го вети не излезе така. Сега едно ќе те прашам тебе, мајко моја, званична маќео, ми пушти писмо, за три дена ме најде, а ме заборави за 24 часа. Да види македонскиот народ на што личи ова. Нема никаков потпис од нашата мајка. Дали не ти е срам?“, рече тој.

    Тој побара оставки од тројцата функционери, поставувајќи симболичен рок.

    „Јас ќе ви кажам кога да си дадете оставка, а вие бирајте го месецот. Нашите деца на 16-ти загинаа. На 16-ти вие тројца да си дадете оставка. Вие немате срца“, додаде револтираниот родител.

    На 16 март во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира