СÈ УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ ТОЧНИОТ БРОЈ ЗАГИНАТИ ВО ВЧЕРАШНАТА АВИОНСКА НЕСРЕЌА ВО ИНДИЈА, СЕ БАРААТ ПРЕЖИВЕАНИ ВО ЗГРАДИТЕ ВО КОИ УДРИЛ АВИОНОТ

    СÈ УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ ТОЧНИОТ БРОЈ ЗАГИНАТИ ВО ВЧЕРАШНАТА АВИОНСКА НЕСРЕЌА ВО ИНДИЈА, СЕ БАРААТ ПРЕЖИВЕАНИ ВО ЗГРАДИТЕ ВО КОИ УДРИЛ АВИОНОТОва е прва несреќа за „дримлајнер“ откако моделот беше пуштен во промет во 2009 (Фото: АП)

    Индиските власти потврдија дека преживеал само еден патник од 242 луѓе кои биле во авионот на „Ер Индија“, што се урна вчера набргу по полетувањето од аеродромот во Ахмедабад. Авионот притоа удрил во хостел за сместување медицински лица и студенти по медицина и сѐ уште е нејасно колку загинати има на земја. Локалните медиуми објавија дека има до 24 мртви.

    Локалната полиција вчера излезе со податок дека во несреќата загинале 294 луѓе, што потоа беше ревидирано. Во авионот имало државјани на Индија, Велика Британија, Португалија и Канада.

    Спасувачките екипи ја продолжуваат потрагата по преживеани и остатоци од авионот во изгорените згради, каде што се урна авионот, кој требало да лета за Лондон. Локалните медиуми објавија дека е пронајдена една од двете црни кутии на „боинг 787-8 дримлајнер“.

    Локалните жители кажаа дека хостелот бил довршен пред само една година и не бил целосно населен.

    Индискиот премиер Нарендра Моди го посети преживеаниот патник Висвашкумар Рамеш во болницата.

    „Авионот изгледаше заглавено веднаш по полетувањето. Се вклучија светлата и веднаш потоа забрза, но се чинеше дека не може да постигне висина, пред да се сруши. Страната од авионот каде што седев падна на приземјето од зградата и имаше простор да избегам откако вратата отпадна. Го откопчав безбедносниот појас и излегов од авионот. Сѐ уште не ми се верува дека сум жив“, раскажа Рамеш.

    Околу 70% од патниците се пронајдени на своите седишта, најголем дел од нив врзани со безбедносни појаси, изјави еден спасувач.

    „Вол стрит џурнал“ објави, повикувајќи се на неименувани извори, дека истрагата се фокусира на тоа „дали авионот имал загуба или намалување на потисокот на моторот“.

    Ова е прва несреќа за „дримлајнер“ откако моделот беше пуштен во промет во 2009. Авионот што се урна првпат летал во 2013, а „Ер Индија“ го добила во јануари следната година. Од авиокомпанијата кажаа дека истрагата ќе потрае, а „Боинг“ се понудил да испрати тим на експерти во Индија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира