ИРАН ПЛАНИРА ДА ГО НАПУШТИ ДОГОВОРОТ ЗА НЕШИРЕЊЕ НА НУКЛЕАРНОТО ОРУЖЈЕ

    ИРАН ПЛАНИРА ДА ГО НАПУШТИ ДОГОВОРОТ ЗА НЕШИРЕЊЕ НА НУКЛЕАРНОТО ОРУЖЈЕИранскиот претседател Пезешкијан кажа дека нуклеарните оружја се спротивни на верскиот указ на ајатолахот Али Хаменеи (Фото: Гети)

    Иранскиот парламент подготвува закон за напуштање на Договорот за неширење на нуклеарното оружје, објави министерството за надворешни работи, истовремено повторувајќи го официјалниот став на земјата дека е против развојот на вакво оружје.

    „Во светлото на актуелните случувања ќе донесеме соодветна одлука. Владата мора да ги спроведе парламентарните закони, но таков предлог е во фаза на подготвува и во подоцнежните фази ќе се координираме со парламентот“, изјави портпаролот на министерството Есмаеил Багеи.

    Договорот, што Иран го ратифицираше во 1970 година, им го гарантира на земјите правото да се стремат кон цивилна нуклеарна енергија, а во замена мора да се откажат од нуклеарно оружје и да соработуваат со Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА). Ден пред да почне нападот, ИАЕА го обвини Иран дека ги крши обврските од договорот.

    Израел почна да го бомбардира Иран во петокот, тврдејќи дека е на прагот на создавање атомска бомба, што Техеран го негира. Притоа биле погодени и три ирански нуклеарни постројки во кои се врши збогатување ураниум.

    Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан повтори денеска дека нуклеарните оружја се спротивни на верскиот указ на ајатолахот Али Хаменеи.

    „Нападот на Израел природно влијае на стратешките одлуки на државата. Тој уследи ден по резолуцијата на ИАЕА и оние кои гласаа за неа го подготвија теренот за нападот. Ционистичкиот режим е единствениот во регионот кој поседува оружје за масовно уништување“, кажа Багеи.

    Се верува дека Израел располага со нуклеарно оружје, што властите никогаш не го потврдија, ниту демантираа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира