ДА СЕ ПОДИГНЕ СПОМЕН-ПАРК НА МЕСТОТО НА ИЗГОРЕНАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО, БАРААТ СЕМЕЈСТВАТА ЗА ЗАГИНАТИТЕ

    ДА СЕ ПОДИГНЕ СПОМЕН-ПАРК НА МЕСТОТО НА ИЗГОРЕНАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО, БАРААТ СЕМЕЈСТВАТА ЗА ЗАГИНАТИТЕОд семејствата велат дека за нив е потресно и болно да го гледаат тоа место каде што се случи една од најстрашните трагедии во Тетово, да биде преполно со стари автомобили, прав и рамнодушност. (Фото: СДК.МК)

    Граѓанската иницијативата „Нула“ заедно со семејствата на 14-те загинати во пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово предлагаат на местото каде се случи оваа трагедија да биде изграден спомен-парк, во кој ќе бидат поставени 14 клупи во спомен на жртвите. Предлогот е доставен до градоначалникот на Тетово, Билал Касами, до претседателот на Советот на Општина Тетово, Наим Исмаили, како и до новиот министер за здравство, Азир Алиу.

    „Денес сме тука за да се потсетиме и да побараме нешто едноставно: достоинство за оние што беа живи изгорени во еден систем што ги остави незаштитени. Минати се речиси четири години од трагедијата во модуларната болница во Тетово, сè уште не стигнала целосната правда, но ние не прифаќаме ни молк. Бараме таа болна локација да се претвори во спомен-парк со 14 клупи, во сеќавање на 14-те жртви, за оваа трагедија никогаш да не се заборави“, рече Мумин Исмаили, претставник на семејствата.

    Од семејствата велат дека за нив е потресно и болно да го гледаат тоа место каде што се случи една од најстрашните трагедии во Тетово, да биде преполно со стари автомобили, прав и рамнодушност.

    „На местото каде што живи изгореа 14 граѓани, каде што болката некогаш беше гласна и присутна, денес владее молк и негрижа. Тоа не е само недостаток на почит, тоа е нова рана врз старата што сè уште не е зарасната. Овој парк ќе биде место за сеќавање, ќе биде простор за размислување, ќе биде повик никогаш повеќе, никаде и никому да не му се случи вакво нешто. Апелираме до институциите да постапат со одговорност, не за нас, туку за општеството, за иднината, за новите генерации што не смеат да растат во земја каде што човечките животи се губат од корупцијата и никој не одговара“, истакна Исмаили.

    Модуларната ковид-болница во Тетово изгоре на 8 септември 2021, при што загинаа 14 пациенти и членови на семејствата.

    На 16 мај годинава, Основниот суд Тетово ги прогласи за виновни и им изрече казна од по една година и шест месеци ефективна затвораска казна на Флорин Бесими, тогашен директор на Клиничката болница во Тетово и Артан Етеми, економски директор на болницата. Правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово во ова повторено судење исто така беше прогласено за виновно и е казнето да плати еден милион денари (над 16.000 евра).

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира