Адвокатот на Љупчо Палевски-Палчо, првообвинетиот за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, во завршниот збор денеска кажа дека тој е обвинет само со 17 докази, од кои ниеден не е конкретен и директен. Адвокатот Јовица Страшевски рече дека нема трага, слика, снимка, сведок дека тој ги извршил кривичните дела – организирање на грабнувањата на Панче Жежовски и на малолетната Вања Ѓорчевска, како и нивно убиство потоа.
Побара ослободителна пресуда за Палевски и најави дека ако е осудителна, ќе биде обжалувана и во Врховниот суд ако треба, а потоа ќе биде поднесена тужба и до Судот за човекови права во Стразбур.
За убиството на Панче Жежовски, тој индиректно го обвини Велибор Манев, еден од обвинетите, кој го посочи токму Палевски дека не само што учествувал во грабнувањето, туку и го убил близу Велес.
Адвокатот Страшевски покажа фотографии од Жежовски снимени од Манев. Потоа премина на убиството на Вања. Рече дека полициската екипа од одделот за крвни деликти, по посочувањето од обвинетиот Влатко Кешишев каде е закопана почнала да ја откопува на начин што уништил бројни докази.
Критикуваше дека снимките од Безбеден град се незаконски. За запаленото возило за кое се тврди дека е на Панче Жежовски, адвокатот кажа дека стои еден број, а во системот на МВР стои различен број. Праша: „Дали запаленото возило навистина е на Жежовски?”.
Судијата Ивица Стефановски неколку пати реагираше што адвокатот со потешкотии си го читаше својот завршен збор.
Страшевски продолжи со тврдењето на Обвинителството дека Палевски нема алиби, па праша: „Зошто му е алиби, кога Обвинителството нема ниеден доказ против Љупчо Палевски?“.
Манев и Кешишев лажеа, рече адвокатот. Признаваа, ама даваа различни изјави.
За земјата најдена на гумите на „рено кангу“ со кое, според обвинението, по убиството на Вања и палењето на „ситроенот“ на Панче обвинетите се вратиле во партијата Десна, адвокатот кажа дека не се совпаѓа со земјата во местото над скопското село Бразда, каде беше најдено телото на детето.
Тој го обвини Велибор Манев дека лажел кога рекол оти мислел дека со Боре Видевски ја грабнуваат 40-годишната жена која Палевски ја следел 10-тина дена.
„Како може Манев да не разликува 40-годишна жена од 14-годишно дете?“, рече Страшевски за Манев, кој го призна делото и во детали на Обвинителството и на Кривичниот суд им раскажа сè за двете убиства, посочувајќи го како главен организатор и егзекутор Љупчо Палевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА