ПЕТАР БОГОЈЕСКИ ОД ЕРАЗМУС ОДИ НА ДРУГА ВЛАДИНА ФУНКЦИЈА, ГО НАДГРАДИЛ КОАЛИЦИСКИОТ ДОГОВОР СО МИЦКОСКИ

    ПЕТАР БОГОЈЕСКИ ОД ЕРАЗМУС ОДИ НА ДРУГА ВЛАДИНА ФУНКЦИЈА, ГО НАДГРАДИЛ КОАЛИЦИСКИОТ ДОГОВОР СО МИЦКОСКИБогојески и Мицкоски договориле и заеднички настап на следните Локални избори 2025. (Фото: Македонски концепт)

    Лидерот на партијата Македонски концепт Петар Богојески, коалиционен партнер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, соопшти дека вчера се сретнал со премиерот Христијан Мицкоски и на таа средба договориле прераспределба на позиции и институции кои ќе ги раководи Македонски концепт во рамки на извршната власт, а било потврдено дека Богојески ќе раководи со друга институција. Тој во моментов е директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, а беше именуван во април 2025.

    „Согласно Одлуката на Претседателството на политичката партија Македонски концепт од 23.06.2025 година, денес остварена е официјална средба помеѓу претседателот д-р Петар Богојески и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ д-р Христијан Мицкоски, на која беше констатирано следното: Прво, потврдена е добрата соработката во рамки на Коалицијата Твоја Македонија. Второ, дадена е позитивна оценка за досегашното функционирање на Владата на Коалицијата со назнака за дополнителен фокус во одредени подрачја од политичките приоритети. Трето, договорен е заеднички настап на следните Локални избори 2025 година, при што споделено е убедување во голема победа“, соопшти Богојески.

    Македонски концепт ги доставил своите сугестии за програмските приоритети на Владата за наредната година, за што вели Богојески, јавноста ќе биде навремено информирана.

    Во 2018 кога како „реформатор и фракционер“ Богојески беше разрешен од функцијата заменик-генерален секретар во ВМРО-ДПМНЕ по што ја формираше Македонски концепт.

    Премиерот Мицкоски на денешниот настан по повод Меѓународниот ден на јавната администрација рече дека денот е „повик за конечно надминување на болестите кои предолго ја разјадува јавната администрација и за кои мораме да бидеме свесни: партизација, непотизам, неефикасност, клиентелизам“.

    „Дојде време за промена. Вистинска промена. За време во кое знаењето и трудот ќе бидат поважни од партиската книшка. За време во кое професионалноста ќе биде стандард, а не исклучок“, рече меѓу другото Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира