Во казино во Битола, 28-годишниот битолчанец Д. К. со тупаница го повредил докторот од Итната медицинска помош, кој бил повикан таму да му укаже лекарска помош, а подоцна откако бил однесен во битолската Клиничка болница нападнал и двајца полицајци, соопшти Обвинителството кое бара притвор за него. Брзата помош била повикана за да му помогне на човекот кој паднал во бесознание.
Според Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Битола, на 29 јуни во казино во Битола осомничениот најпрво го нападнал докторот од Брзата помош додека овој се обидувал да му пружи лекарска помош. Го удрил со тупаница и го повредил. По укажувањето на медицинската помош, тојбил пренесен во Клиничка болница во Битола каде исто така давал активен отпор да биде третиран, па била повикана и полициска асистенција. Кога пристигнале двајцата полициски службеници, тој и нив ги нападнал, ги удирал повеќепати и им се заканувал.
Полицајците во СВР Битола пријавиле дека при давање асистенција на Итната медицинска помош од Битола во 17.35 часот во Клиничка болница Битола биле физички нападнати битолчанецот и тој бил лишен од слобода. Тој на полицијата ѝ е познат и по други случаи во кои се однесувал агресивно.
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против Д. К. за кого постои основано сомнение дека сторило кривично дело Напад врз здравствен работник при вршење здравствена дејност предвидено во член 304-г од Законот за здравствена заштита, како и кривично дело Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 од Кривичниот законик.
Ценејќи дека се исполнети законските основи – опасност од бегство и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА