ВАШИОТ ИДЕНТИТЕТ СЕ МАНАСТИРИТЕ, ПОГАЧАТА, ПИНЏУРОТ И ПОЛНЕТИТЕ ПИПЕРКИ И ТОА НЕ МОЖЕ НИКОЈ ДА ВИ ГО ОДЗЕМЕ, КАЖА ЕВРОКОМЕСАРКАТА МАРТА КОС

    ВАШИОТ ИДЕНТИТЕТ СЕ МАНАСТИРИТЕ, ПОГАЧАТА, ПИНЏУРОТ И ПОЛНЕТИТЕ ПИПЕРКИ И ТОА НЕ МОЖЕ НИКОЈ ДА ВИ ГО ОДЗЕМЕ, КАЖА ЕВРОКОМЕСАРКАТА МАРТА КОСПремиерот Мицкоски рече дека за него идентитетот не е само македонската кујна, туку и Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, браќата Миладиновци, Илинденското востание итн. (Фото: К. Попов)

    Еврокомесарката за проширување Март Кос вели дека идентитетот не може да биде предмет на политичко одлучување, бидејќи идентитетот е нешто што си го носиме во душата и срцето. Одговарајќи на новинарското прашање за бугарските амандмани на извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Словенката рече дека идентитет се и манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче-гравче, пинџурот или полнетите пиперки и дека тоа не може никој да им го одземе на Македонците.

    „Членството во ЕУ, според мене, е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците поради тоа што ЕУ е изградена на принципот на разноликост и ЕУ се грижи за сите земји членки поединечно, во смисла на тоа што нашиот идентитет е добро зачуван. Можам да зборувам од сопствено искуство. Словенија исто така е мала земја со два милиони жители. Но, откако станавме членка на ЕУ во 2004 година, словенечкиот јазик е еден од 24-те официјални јазици во ЕУ. Идентитетот, според мене, никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување. Идентитетот е нешто што си го носиме во душите и во нашите срца. Идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина. Идентитет е како се грижиме за нашата традиција, на пример манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче-гравче, пинџурот или полнетите пиперки. Како на пример ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме во однос на зачувување на нашиот јазик и никој не може ова да ви го одземе на вас Македонците“, кажа Кос, која денеска е во Скопје за состанокот ЕУ-Западен Балкан.

    Премиерот Мицкоски рече дека за него идентитетот не е само македонската кујна, туку и Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, браќата Миладиновци, Илинденското востание итн и дека не е сигурен дека и Бугарите го делат истото мислење.

    „Јас сум малку повнимателен кога станува збор за идентитетот. За мене, мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку и Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци, Илинденското востание, Дамјан Груев, Јане Сандански, итн итн. Не знам дали ќе го споделат истото мислење колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот македонски идентитет“, кажа Мицкоски.

    Бугарија бара во извештајот да стои „модерен“ пред македонски јазик во извештајот на ЕК.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира