Судењето на обвинетите за пожарот во нелегалното диско „Пулс“ во Кочани на 16 март ќе се одвива во Основниот кривичен суд Скопје, соопшти судот. Денеска од Основниот суд во Кочани во Скопскиот суд е достаен предметот за пожарот што беше оформен по поднесен обвинителен акт од кочанското Основно јавно обвинителство (ОЈО).
„Согласно решението на највисокиот суд, кој постапувал по предлог на Апелацискиот суд Штип, за определување на стварна и месна надлежност за постапување по предметот, Врховниот суд анализирајќи го кадровскиот и техничкиот потенцијал на Основните судови во Штип и во Струмица, како судови со проширена надлежност на територија на Апелациско подрачје Штип, утврдил дека во наведените судови нема доволен број судии од кривична област за кои нема законски пречки да постапуваат по конкретниот предмет. Поради обемноста и сложеноста на предметот, бројот на обвинети и оштетени, обемниот доказен материјал и јавниот интерес, Врховниот суд оценил дека по предметот треба да постапуваат судии од кривична област кои со стекнатото искуство и познавање на кривичната материја ќе овозможат гаранција за ефикасност, стручност и законито постапување. Откако Основниот суд кривичен суд Скопје е определен како надлежен за постапката, доставениот обвинителен акт, согласно Автоматизираниот систем за распределба на судски предмети – АКМИС, ќе биде распределен на совет за оцена на обвинителен акт“, соопшти Кривичниот суд Скопје.
По приемот, обвинението ќе биде доставено и до обвинетите, по што ќе почне да тече законскиот рок за приговор, што според Законот за кривична постапка (ЗКП) изнесува осум дена.
„По исполнување на предвидените услови за постапување, советот ќе закаже седница за оцена (на обвинителниот акт), а за исходот странките и јавноста ќе бидат навремено известени“, велат од Скопскиот кривичен суд.
Врховниот суд неодамна го уважи предлогот и донесе решение со кое за стварно и месно надлежен суд за постапување по обвинителниот акт го определи скопскиот Основен кривичен суд. Одлуката беше донесена откако Врховниот суд утврди дека Основните судови во Штип и во Струмица немаат доволен број судии од кривична област за кои не постојат законски пречки да постапуваат во овој предмет.
По тримесечна истрага, Обвинителството на 13 јуни поднесе обвинение за Тешки дела против општата сигурност против 34 физички и три правни лица за катастрофалниот пожар
во кочанската дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 62 лица, над 150 беа со тешки повреди и 50-ина со повреди. Меѓу загинатите имаше и 6 деца.
За 11 лица е запрена постапката, бидејќи засега нема доволно докази. Меѓу нив се ексминистрите за економија Дритон Кучи и Беким Незири. Во обвинението остануваат ексминистрите за економија Ваљон Сарачини и Крешник Бектеши. За пејачот Владимир Блажев-Панчо од „ДНК“ има прекин на истрагата додека е на лекување, како и за управителот на фирмата кој почина во болница.
Првообвинетиот, газда на импровизираната дискотека, во 2012 година и во 2024 година, преземал градежни дејствија со кои извршил реконструкција на објектот и пренамена, без стручен надзор. Градел со несоодветен и леснозапаллив материјал, вградил сунѓер. Во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис за вградените материјали, бројот на излезите за евакуација, бројот на пп апарати, паркинг места. Иако знаел дека објектот нема дозвола, обвинетиот дозволил негова реконструкција. Истрагата против реалниот газда е во тек и не е дел од обвинението. Обвинети се и три правни лица.