Педесетина жители на урбаната заедница „Панче Пешев“ во Куманово синоќа излегоа на протест и побараа од локалната власт да го спречи загадувањето на воздухот кое го предизвикуваат нивните соседи од другата страна реката од населбите Средорек, Бавчи и Стари Лозја и Перо Чичо. Тие се пожалија дека со години се душат во чад и нивното здравје е загрозено затоа што надлежните не си ја вршат работата и не ги санкционираат несовесни граѓани, кои палат гуми, пластика и смет од дивите депонии кои се создадени во овие населби и по течението на реката Кумановка.
Додека траше протестот, повторно беше запалено ѓубре на една од депониите.
„Не можеме прозор да отвориме ни во лето ни во зима, не можеме децата да ги изведеме надвор од загаденост. Овде постојано лежи облак од дим. Ние ги гледаме од прозор додека палат се јавуваме во полиција и во инспекција ама никој не презема ништо. Надлежните си ја префрлаат одговорноста и никако да го решат проблемот. Затоа денеска се собравме за да ги потсетиме да си ја вршат работата, бидејќи ние не сме должни да трпиме и да ги слушаме нивните оправдувањата дека ова е проблем кој не може да се реши“, кажа Бобан Петрински, жител на населбата.
Жителите се договорија листата со барања да ја достават до Општина Куманово и да и дадат рок од 15 дена да го реши проблемот, во спротивно ќе организираат блокада на булеварот Октомвриска револуција.

Жителите се договорија листата со барања да ја достават до Општина Куманово и да и дадат рок од 15 дена да го реши проблемот, во спротивно ќе организираат блокада на булеварот Октомвриска револуција. (Фото: СДК.МК)
Поради проблемите со пожарите и загадувањето на Куманово, кои минатата недела беа алармантни, заседаваше и Општинскиот штаб за заштита и спасување. Притоа беше договорено да се исчисти ѓубрето од дивите депонии и да се постават контејнери на критичните места во Бавчи, Стари Лозја, Багрем Бања, Средорек и на влез во населба Перо Чичо. Комуналната инспекција во соработка со СВР Куманово да ги откријат граѓаните кои фрлаат и палат отпад, како и да се воводе позорникарска служба во попладневните часови на посочените локации.
Дел од урбаната заедница „Панче Пешев“, која се протега долж булеварот Октомвриска револуција и реката Кумановка, е урбанизирана во 1980-тите години и една од ретките населби во градот која покрај стамбените згради има паркинг простор, паркови и зеленило. Но населбата се наоѓа во очајна состојба затоа што не се одржува и локалната власт нема слух за барањата на граѓаните да се уреди и оплемени овој простор.
„Гледате ли колку е валкано и запуштено? Парковите не се искосени, змии ќе нè изедат, дрвјата неискастрени. Од бучава не се спие ни дење ни ноќе. Бараме локалната власт да го уреди овој дел од градот како доликува, бидејќи плаќаме најскап данок во градот“, велат жителите.
Од другата страна на реката се наоѓаат населбите Средорек и Бавчи, со дивоградби покрај речните корита на место кое треба да биде зеленило до вливот на двете реки.
С. НИКОЛИЌ