ОДИМЕ ЗА ОХРИД ПРЕКУ БИТОЛА ОТИ НИ Е МАКА ОД ПАТОТ ПРЕКУ КИЧЕВО КОЈ УШТЕ СЕ ГРАДИ, ВЕЛАТ СРПСКИТЕ ТУРИСТИ

    ОДИМЕ ЗА ОХРИД ПРЕКУ БИТОЛА ОТИ НИ Е МАКА ОД ПАТОТ ПРЕКУ КИЧЕВО КОЈ УШТЕ СЕ ГРАДИ, ВЕЛАТ СРПСКИТЕ ТУРИСТИАвтопатот Кичево-Охрид се гради речиси 11 години (Фото: СДК.МК)

    Српските туристи кои доаѓаат на одмор во Охрид почнаа да го избегнуваат патот од Скопје преку Кичево кој се гради од 2014. Дел од нив, во Охрид патуваат преку Битола.

    „Често доаѓаме во Охрид пред да одиме во Грција. Претходните години доаѓавме преку Скопје и Кичево, а сега почнавме да го избегнуваме тој пат кој е многу лош и мака ни е да го возиме. Оваа година дојдовме преку Битола, на препорака на пријатели кои на враќање од Грција дошле во Охрид преку Битола. Ни рекоа дека патот е многу подобар и драго ми е што ги послушавме“, ни рече туристка од Ниш.

    Српските туристи се редовни во Охрид во текот на летото, а доаѓаат и за празници, со автобуски тури. Тури со автобус организираат српските туристички агенции и во текот на летото. Девет ноќевања во апартман во центарот на Охрид со вклучен автобуски превоз од Белград чини од 100 до 195 евра во зависност од периодот. Во хотелите од 3 до 4 ѕвезди, цена за шест ноќи со појадок и вечера е од 200 до 320 евра со превоз.

    „Дојдвме со автобус од Белград и патот навистина беше напорен, особено во деловите каде што уште се гради. Бев во Охрид на летување пред неколку години и мислев дека досега патот е направен, но пак се измалтретиравме. Среќа е што брзо се заборава патот кога ти е убав одморот“, ни рече повозрасна туристка од Белград.

    До 31 декември 2026 е новиот рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид. Владата на седница во март лани донесе одлука за продолжување на рокот за изградба на делницата долга 54 километри која што веќе се гради 11 години.

    „Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница“, соопшти тогаш Владата.

    Автопатот Кичево-Охрид со сите анекс-договори чини преку 600 милиони евра. Започна да се гради на 22 февруари 2014. Кредитот за оваа капитална инвестиција беше земен од кинеската банка „Ексим“ и државата треба да го врати за 20 години. Во октомври 2013, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу македонската Влада и кинеската компанија.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира