Напаѓачот на Ливерпул и португалската репрезентација Диого Жота загина во сообраќајна несреќа во Шпанија, објавија шпанските власти. Покрај 28-годишниот Жота, во несреќата починал и неговиот помлад брат Андре, кој исто така беше професионален фудбалер.
Несреќата се случила ноќеска во шпанската провинција Замора, кога „ламборгини“ во кој биле браќата излетал од патот и се запалил.
„Информациите што ги имаме досега се дека автомобилот ‘ламборгини‘ излетал од патот поради пукање на гума при претекнување. Тоа се случило во раните утрински часови, во 1:30 часот по средноевропско време, во општина Сернадиља во покраината Замора. Автомобилот се запали и двајцата патници загинаа“, соопшти Шпанската цивилна гарда.
Англиските медиуми објавија дека Диого Жота пред само две недели со оженил со својата долгогодишна партнерка Руте Кардосо, со која доби три деца. Жота бил на одмор откако му помогна на Ливерпул да ја освои 20. шампионска титула во тукушто зваршената сезона.
Роден во Порто, Жота почнал да тренира фудбал уште како деветгодишник, а во 2013 станал член на Пакош де Фереира, за кој дебитирал во португалската лига во 2015. Следната година премина во Атлетико Мадрид, кој прво го позајми во Порто, а потоа во Вулверхемптон. Официјален член на англискиот премиерлигаш стана во 2018, од каде што направи трансфер во Ливерпул во лето 2020. Тука се промовираше во еден од најефективните напаѓачи во Англија, еднакво опасен и со нога и со глава, постигнувајќи 47 голови во Премиерлигата.
Со Ливерпул играше во финалето на Лигата на шампионите во 2022 и освои и ФА куп и Лига куп. Во дресот на Португалија запиша 49 настапи и 14 голови, освојувајќи ја Лигата на нации во 2019 и 2025.
„Фудбалскиот клуб Ливерпул е скршен поради трагичната смрт на Диого Жота. Клубот е информиран дека тој починал по сообраќајна несреќа во Шпанија, заедно со неговиот брат Андре. ФК Ливерпул нема да дава дополнителни изјави во овој момент и бара да се почитува приватноста на семејството, пријателите и соиграчите на Диого и Андре, додека се обидуваат да се помират со незамисливата загуба“, соопшти англискиот шампион.