Разрешениот судија Лазар Нанев ќе седне на обвинителна клупа во Основен суд Велес. Поранешниот претседател на Основен суд Кавадарци, е обвинет за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од Кривичниот законик, каде прецизира дека „делото е сторено во вршење на неговото овластување или должност“ и му е запретена казна до пет години затвор.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес до Основниот суд Велес на 27 јуни годинава го поднело Обвинителниот предлог. По предметот ќе постапува судијата Ангел Трипчев. Главна расправа е закажана за 23 септември во 10,30 часот.
Судскиот совет на 16 октомври лани на затворена седница за јавноста го разреши судијата од кавадречкиот суд Лазар Нанев, за 97-те јавувања во неколку дена со странка (обвинет), во предмет што го судел лично тој. За притисоци и недолично однесување него го пријавила и обвинителка од Кавадарци.
На прашање до Јавното обвинителство, од таму кажаа дека за Нанев е поднесена уште една кривична пријава која е во надлежно постапување на ОЈО Гевгелија, но Јавното обвинителство не е во можност да открива детали од поднесената кривична пријава.
П. ПЕЧКОВ