Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово го повлекло обвиниението против градоначанико на Куманово, Максим Димитриевсаки, за злоупотреба на службената положба и овластување затоа што во судската постапка што се водеше 15 месеци не било утврдено дека двете кумановски фирми претрпеле штета затоа што навремено не добиле дозвола за градба. По последното рочиште на 27 јуни, јавниот обвинител со поднесок од 30 јуни се откажа од обвинението против Максим Димитриевски, пет дена пред завршните зборови закажани на 4 јули, соопшти вчера Основен суд Куманово.
Во соопштението, Обвинителството вели дека надлежниот јавен обвинител од ОЈО Куманово до Основниот суд во Куманово доставил известување со кое го повлекол Обвинителниот предлог кој се темелел на предложените докази, пред се изготвеното материјално-финансиско вештачење во рамките на преземените истражни дејствија, врз основа на кое прозлегувало дека со дејствијата на извршување на кривичното дело, кои се состојат во непостапување по чл.59 ст.11 од Законот за градење, на двете оштетени правни лица им била нанесена заначителна имотна штета во висина од 3.307.869 денари (над 53.000 евра).
„Меѓутоа, по изведување на сите докази во текот на постапката и пред се исказите на вештите лица произлегува дека тие се едногласни дека сега, во услови на веќе издадено Одобрение за градење, штетата наведена во обвинението нанесена на правните лица, поради непостапување по чл.59 ст.11 не постои, па оттука неспорно е дека повеќе не се исполнети законските обележја на кривичното дело кое со поднесеното обвинение се ставаше на товар. За да бидат исполнети законските обележја од наведената квалификација неопходно е да постои нанесена-настапена значителна штета, која во конкретниот случај во услови на издадено одобрение за градење не постои, согласно вештаците. Јавниот обвинител испитуваше и евентуалното сторување на кривично дело со друга правна квалификација, при што уште еднаш темелно ги анализираше сите докази изведени во текот на судската постапка, а предметот по барање на предметниот обвинител два пати беше рефериран и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Меѓутоа, од сите преземени дејствија се утврди дека не постојат цврсти докази со кои надвор од разумно сомневање би се докажало сторувањето на кое било друго кривично дело кое се гони по службена должност, па јавниот обвинител имаше обврска да го повлече поднесеното обвинение“, велат од Обвинителството.

„Некој врз некого има извршено притисок. Јас се сомневам во политички притисок“, вели Божиновски застапник на двете фирми кои го пријавија Димитриевски. (Фото: СДК.МК)
За адвокатот Виктор Божиновски, застапник на двете фирми кои го пријавија Димитриевски, одлуката е неочекувана бидејќи на последното судење на 27 јуни немало најави за такво нешто, и смета дека она што се случуваше на судењата и она што е пишано во одлуката за повлекување на обвинителниот предлог се две различни работи.
„Што точно се случувало во Јавното обвинителство од петок до понеделник (од 27 до 30 јуни) ќе треба да прашате таму, бидејќи она што се случуваше на последното судење не укажуваше на тоа дека ќе има повлекување, дури и предметната јавна обвинителка се противеше на предлозите за изведување на дополнителни докази. Во поднесокот што го видов апсолутно не постојат правни причини за повлекување на обвинението. Прво што се наведува е дека од вештачењето на обвинителството и одбраната, како и од исказите на вештите лице, наводно произлегувало дека поради тоа што веќе добиле одобрение за градба немало штета. За да биде појасно на вас и на граѓаните, тоа е исто како денеска да скршите нога и после две години кога ќе ви зарасне ногата да кажете ама сега ви е зарасната и нема штета. Ова правно воопшто не држи бидејќи во моментот кога е сторено делото, оштетените потпишале договори со други правни лица, и поради непотпишување на решението за комуналии, не можеле да добијат одобрение за градење во тој момент и сите средства кои ги уплатиле на тие лица пропаднале и апсолутно има штета и тогаш и сега“, вели Божиновски, кој рече дека во негова пракса не се случило такво нешто.
Тој додава дека и другите наводи поради кои е повлечено обвинението не се точни, како што е тоа дека во работата на Општината не одлучувал градоначалникот туку различни сектори и во текот на целата постаката дошло до многу преплетување меѓу Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање и Законот за локална самоуправа. Се тврдело дека тој дејствува по дописите на гимназијата и здравствениот дом, а одлуката за сисупензија на ДУП-от ја донел Советот.
Божиновски се сомнева дека одлуката е политички мотивирана во пресрет на локалните избори, бидејќи Димитриевски е кандидат за градоначалник за уште еден мандат на неговата партија ЗНАМ, колаиционен партнер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Некој врз некого има извршено притисок. Јас се сомневам во политички притисок“, вели Божиновски.
С. НИКОЛИЌ