СУДИЈКАТА ДАНИЕЛА ДИМОВСКА ИЗБРАНА ЗА В.Д. ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА КРИВИЧНИОТ СУД, СУДИЈАТА САВЕСКИ ПОБАРА ОСТАВКА ОД ЧЛЕНКАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ АНТОАНЕТА ДИМОВСКА ЗАШТО БИЛ ПРЕКРШЕН ЗАКОНОТ СО ИЗБОРОТ

    СУДИЈКАТА ДАНИЕЛА ДИМОВСКА ИЗБРАНА ЗА В.Д. ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА КРИВИЧНИОТ СУД, СУДИЈАТА САВЕСКИ ПОБАРА ОСТАВКА ОД ЧЛЕНКАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ АНТОАНЕТА ДИМОВСКА ЗАШТО БИЛ ПРЕКРШЕН ЗАКОНОТ СО ИЗБОРОТДаниела Димовска е избрана за судија во Основниот кривичен суд Скопје во септември 2016 година. (Фото: Основен кривичен суд Скопје)

    Судијката Даниела Димовска е избрана за вршител на должноста претседателка на Основниот кривичен суд Скопје, одлучи Судскиот совет на денешната седница. Таа доаѓа на местото на досегашниот претседател Иван Џолев, кој беше избран за судија во повисокиот, Апелациски суд.

    Димовска, која досега работеше како судијка во Одделението за организиран криминал и корупција во истиот суд, ќе ја извршува функцијата од 6 јули до завршување на постапката за избор на нов претседател.

    На нејзиниот избор остро реагираше судијата од Одделението за Организиран криминал и корупција Ненад Савески, кој најмногу ѝ забележа на членката на Судскиот совет Антоанета Димовска, која е избрана од судиите од апелационото подрачје Скопје. Во порака до Антоанета Димовска, доставена и до медиумите, Савески ја прашува Антоанета Димовска зошто го крши законот, кој предвидува за в.д. Претседател да биде избран судија кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови, нешто што Даниела Димовска не е. Тој директно ѝ вели на Антоанета Димовска да си замине од Судскиот совет и ја нарекува „брука“.

    „Одете си од таму веќе! Доста е од вас! Брука сте! Срам сте за судиите кои гласале за вас! Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на член 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот Судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате Нас судиите!“, вели Савески во пораката до Димовска.

    Дополнително, тој ја прашува Антоанета Димовска како можела да гласа за кандидатка на којa ѝ била менторка.

    „Како гласате за кандидат на кој сте му биле ментор? Има судир на интереси! Вака ли сте ги учеле колегите како ментор? Да се кршат закони?“, прашува судијата.

    Савески во пораката вели дека ѝ се обраќа на Антоанета Димовска затоа што таа е во Судскиот совет со гласовите на судиите од судот за кој што гласала за избор на в.д. претседателка. Тој ја завршува пораката со: „Оди си! Ако не си одиш, ќе си одат судиите кои вредат, кои не ја трпат калта со која прскате“.

    Даниела Димовска е избрана за судијка во Основниот кривичен суд Скопје во септември 2016, каде што првично работеше како судија во претходна постапка. Пред да стане судијка, таа работела како советничка во кабинетите на двајца поранешни собраниски спикери Љубиша Георгиевски и Трајко Вељаноски.

    Покрај за Кривичниот суд, Судскиот совет денеска назначи и в. д. претседатели за уште три основни судови. За Основен суд Гостивар е избран Елјеса Алији, за судот во Дебар е назначен Мерсим Марку, а во Свети Николе функцијата ќе ја извршува Валентина Буревска. Сите тие ќе стапат на новите функции на 6 јули.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира