Пожарот над магистралниот пат кон Блаце во Скопско е можно да е предизвикан од фрлен отпушок од цигара, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов. Пожарот, како што вели Ангелов, е под делумна контрола и од утрово се гаси со три хеликоптери.
„Два полициски хеликоптера, еден армиски хеликоптер, еден хермелин со цистерна на ДЗС, еден пинцгауер на ДЗС и едно теренско возило амарок на ДЗС дејствуваат како подршка на скопската Бригада за противпожарна заштита Скопје, која со повеќе пожарникари и возила го гаси големиот пожар на отворен простор на територијата на општина Чучер-Сандево над магистралниот пат Скопје-Блаце кој изби вчера во попладневните часови. Од мое непосредно забележување можам да кажам дека овој пожар изби непосредно до магистралниот пат кон Блаце и можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување“, вели Ангелов.
Од Дирекцијата за заштита и спасување апелираат до граѓаните да се однесуваат совесно и никогаш да не фрлаат отпушоци од цигари надвор од возило, дури и тогаш кога се убедени дека се изгаснати.
Според Центарот за управување со кризи (ЦУК)во моментов се активни 4 пожари во земјава, меѓу кои и во село Бешиште во Општина Прилеп, во Опшина Македонски Брод во село Црешнево, во Општина Чашка под Солунска глава, помеѓу Изворите на Бабуна и Бабина Дупка.