Рускиот министер за транспорт Роман Старовоит е пронајден мртов во неговиот дом во случај за кој полицијата верува дека е самоубиство, објавија руските државни медиуми, само неколку часа откако претседателот Владимир Путин го разреши од функцијата.
Според новинската агенција РИА Новости, Старовоит бил пронајден мртов во понеделникот, на 7 јули, а во негова близина било пронајдено и огнено оружје.
Кремљ не даде официјално образложение за смената на министерот. Сепак, отказот следува по хаосот во рускиот авиосообраќај предизвикан од украинските напади со дронови изминатиот викенд, кога илјадници патници останаа заглавени на аеродромите поради откажани летови.
Според руската федерална агенција за воздушен транспорт и министерството за транспорт, во периодот од сабота до понеделник, руските авиокомпании откажале 485 летови, 88 биле пренасочени, а 1.900 доцнеле.
Украинските напади со дронови, кои целат на воени капацитети и други објекти, повеќепати ја принудија Русија да го затвора својот воздушен простор за цивилен сообраќај, како дел од стратегијата на Киев да изврши притисок врз Москва.
Старовоит, кој претходно беше гувернер на руската област Курск, беше назначен за министер за транспорт во 2024 година.