Гори дивата депонија во скопско Визбегово. Густ црн чад се гледа во цело Скопје, депонијата е на два километри воздушна линија од центарот на градот. Депонијата се запалила утрово, а на терен се екипи на полицијата и скопската Пожарна.
„Во реонот на Визбегово, Општина Шуто Оризари во близина на дивата депонија, избувнал пожар кој се шири и претставува ризик за проширување кон околните површини. Има опасност бидејќи во близина се наоѓаат станбени куќи. По барање на градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, побарана е воздушна поддршка за справување со пожарот. Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш го процесуираше барањето до Министерството за внатрешни работи (МВР) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), со цел побрза и поефикасна интервенција на терен“, соопшти Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) .
Од ЦУК велат дека му е укажано на градоначалникот на Шуто Оризари дека ако се процени ќе има потреба за евакуација на населението кое се наоѓа во тој реон. Во моментов се интервенира од екипи на Бригатата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје.