Владата на состанокот со претставници на Синдикатот на контролори на летање на Македонија на 7 јули во понеделникот, се согласила да бидат исполнети сите нивни барања, ако контролорите се откажат од најавениот штрајк.
Постигнат е договор, контролорите на летање денеска (10 јули) нема да прекинат со работа и нема да го затворат небото над Македонија, но:
-чекаат Министерството за финансии веднаш да одобри вработување на најмалку 6 контролори на летање и да се распише оглас што е можно побргу;
-Владата, односно УО на М-НАВ веднаш да одобрат и распишат меѓународен јавен повик за избор на странска фирма која ќе направи објективна и независна анализа и ќе каже каде има превработеност, а каде се потребни суштински и вработувања на експерти. Со тоа итно би престанале партиските несуштински вработувања, како советници на советниците и уште многу други измислени работни места за вдомување партиски поданици, зашто би се направила реална систематизација во претпријатието;
-постигната е согласност да се имплементира „новиот“ АТМ систем набавен уште во 2014 година, зашто стариот е веќе ризичен и откажува. Но, и двете страни се согласиле дека баш сега во сезона тоа не е изводливо, па ќе се почека некој месец.
„За она што ни беше нам најважно, постигнавме договор. Жалиме што споровите и незадоволството моравме да го решаваме во Владата, кога имаме Управен одбор со тројца директори“, вели Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори на летање.
- ШТРАЈК НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ НА 10 ЈУЛИ АКО ПРОДОЛЖИ ВРАБОТУВАЊЕТО НА ПАРТИСКИ КАДРИ ЗА СОВЕТНИЦИ, НАМЕСТО ДА СЕ ПРИМАТ НОВИ КОНТРОЛОРИ, ИНЖЕНЕРИ И МЕТЕОРОЛОЗИ
- НАМЕСТО КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ М-НАВ ЗА СЕКОЈ ДИРЕКТОР ЌЕ ВРАБОТУВА СОВЕТНИЦИ И ЌЕ ПРИМА СРЕДНИСТИ СО ПОЧЕТНА ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА
Но, последниот оглас за вработување на среднисти со 1.000 евра почетна плата и советници на директорите, место контролори на летање, инженери и метеоролози кои фалат во М-НАВ, нема да се поништи. Си течат интервјуата со овие избрани кандидати, но Синдикатот вели дека нема да дозволи да потпишат договори тие со непотполна документација, односно што не исполнуваат услови, а според информациите, баш тие требало да се вработат.
Во предупредувачкото известување пред еден месец, Синдикатот покрај овие незадоволства, го потсети раководството дека М-НАВ ќе остане без осигурување од дејност (што е страшно зашто државата ќе треба да плаќа отштета во случај на авионска несреќа), дека над 9 месеци нема ангажирано компанија за обезбедување, нема инфраструктурни зафати, нема јавни набавки итн, обвинувајќи ги тројцата директори дека со несуштинските вработувања „ги отплаќаат своите фотелји“.
Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Фатмир Зимбери се тројцата директори, Ристески е и претседател на Управниот одбор на М-НАВ.
С. К. ДЕЛЕВСКА