Лидерот на СДСМ Венко Филипче оцени дека македонскиот јазик и идентитет се безбедни и гарантирани, но оти актуелната влада со своите дипломатски грешки ја оддалечува државата од ЕУ.
На прес конференција во партијата по повод гласањето на Извештајот за напредокот на земјата кон ЕУ во Европскиот парламент во кој беше острането споменувањето на македонскиот јазик, Филипче рече дека владата ги урнала позициите што ги наследила, со што ја изгубила довербата кај европските партнери.
„Наместо подобар договор и подобра рамка, добивме застој, изолација и драматични прес-конференции полни со обвинувања,“ рече Филипче и додаде „Ветуваа гордост, добивме понижување“.
Тој вели дека најважно е да се каже дека „извештајот не е извештај за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или македонскиот идентитет“.
„Македонскиот јазик и идентитет се јасно дефинирани и заштитени. Никој не може да ги допре или да им наштети. На македонски се преведува во ЕУ, на македонски се потпишуваат договорите меѓу ЕУ и Северна Македонија, на македонски се говори во Унијата. Ова го гарантира Преговарачката рамка“, рече лидерот на СДСМ.
Тој потсети дека во времето на СДСМ, биле спречени обиди за исклучување на македонскиот јазик од европските документи, благодарение на поддршката од меѓународни партнери.
„Знаеме кои сме и на кој јазик зборуваме. Тоа го потврдивме со договорите. Но денес, европската перспектива е загрозена не поради идентитетски прашања, туку поради дипломатската неспособност на актуелната власт,“ рече Филипче.
Во однос на изјавата на премиерот оти очекува сојузништво со МАНУ, партиите од сите етнички заедници и опозицискиот СДСМ во однос на евроинтеграциите, Филипче рече дека социјалдемократите се секогаш отворени за соработка и дека такви иницијативи во изминатиот период предлагала и партијата и лично тој.