Државниот секретар Марко Рубио изјави дека ја изразил фрустрацијата на САД што не е постигнат поголем напредок во завршувањето на војната во Украина на денешната средба со рускиот колега Сергеј Лавров.
„Беше искрен разговор. Беше важен“, рече Рубио за неговите 50-минутни разговори со рускиот министер за надворешни работи на маргините од состанокот на министрите за надворешни работи на АСЕАН во Малезија.
Тој рече дека му го изнел на Лавров она што американскиот претседател Доналд Трамп јавно го кажа, „дека немало поголема флексибилност од руска страна за да се стави крај на овој конфликт“.
Вториот личен состанок на Рубио и Лавров се случи во услови на интензивирани руски напади во Украина. Трамп е сè повеќе – и јавно – фрустриран од рускиот претседател Владимир Путин како што војната се одолговлекува.
Рубио рече дека тој и Лавров споделиле некои идеи, вклучувајќи „нов или различен пристап“ од руска страна, што ќе му го пренесе на Трамп по неговото враќање.
„Треба да видиме план за тоа како може да заврши овој конфликт“, рече Рубио.
Руски беспилотни летала и ракети се упатија кон украинскиот главен град рано отрово, додека ескалацијата на руските напади ја оптовари украинската воздушна одбрана, принудувајќи илјадници луѓе да се сместат во засолништа преку ноќ. Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија лансирала 18 ракети и околу 400 беспилотни летала во напад кој првенствено го таргетирал главниот град Киев. Немаше коментар од Москва, која претходната ноќ лансираше рекордни 728 беспилотни летала кон Украина.