ЏАБЕ СКРИНИНГ ЗА РАК НА ДОЈКА И НА ГРЛО НА МАТКА КОГА РЕЗУЛТАТИТЕ МНОГУ ДОЦНАТ ИЛИ ВООПШТО ГИ НЕМА, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

    ЏАБЕ СКРИНИНГ ЗА РАК НА ДОЈКА И НА ГРЛО НА МАТКА КОГА РЕЗУЛТАТИТЕ МНОГУ ДОЦНАТ ИЛИ ВООПШТО ГИ НЕМА, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈАРевизорите утврдиле дека дел од пациентките чекале долго или не добиле резултати од скринингот за рак на грло на матка и рак на дојка, што значително го намалува влијанието на превентивните мерки. (Фото: СДК.МК)

    Програмата на Министерството за здравство за рано откривање на малигни заболувања не го постигнува очекуваниот ефект, и покрај тоа што во 2023 за скрининг активности биле реализирани 22,9 милиони денари (околу 370 илјади евра), вели извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работатата на Министерството.

    Програмата опфаќа скрининг за рана детекција на рак на грло на матка, за рана детекција на рак на дојка, и за рана детекција на рак на дебело црево, национални студии за рак на дојка, рак на простата, рак на матка, рак на дебело црево и рак на црн дроб и активности за превенција и рана дијагностика на болести на црн дроб во рамките на новоотворениот Центар за болести на црн дроб.

    Во редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК се јавија две скопјанки на возраст од над 60 години, кои биле на редовна мамографија во Поликлиниката Чаир. Двете биле на преглед во март, а резултати до денес, пет месеци подоцна, немаат добиено.

    „Се јавив во Поликлиниката, ми рекоа готови се, но нема кој да ги прочита“, вели 66-годишната скопјанка.

    „Мамографија на дојка направив во февруари месец во Поликлиника ‘Јане Сандански’ и до ден денс немам добиено уште резултати. На сопствен трошот правам на секои 11 месеци ехо на дојка и еве денес пак ќе напрвам во Центар за дојка и ќе си платам 3.000 денари за ехо. Пред 2 години ехо и мамографија ме чинеа 5.000 денари. Тоа е нашето здравство“, вели друга 49-годишна скопјанка која ја контактираше нашата редакција.

    Ревизијата утврди дека недостасуваат јасно дефинирани мерливи индикатори, опфатот на населението е низок, а дел од пациентките чекале долго или не добиле резултати од скринингот за рак на грло на матка и рак на дојка, што значително го намалува влијанието на превентивните мерки.

    Извор: Државен завод за ревизија

    Според извештајот, со програмата е утврдена целната популација по возраст, но не е дефиниран бројот на лица кои ќе бидат опфатени со скринингот со што не се утврдени мерливи индикатори за оценка на успешноста на програмата.

    „Со извршената анализа на податоците за скрининг за рана детекција на рак на грло на матка и рана детекција на рак на дојка, добиени од Министерството и од ‘Мој термин’, утврдивме дека:  Министерството нема податок за бројот на поканети лица за скрининг на рак на грло на матка, за бројот на лица со откриени клеточни абнормалности, како и број на лица со откриен рак на грло на матка, што влијае Министерството да нема податоци за следење на успешност на програмата“, се вели меѓудругото во извештајот.

    Според податоците добиени од „Мој термин“, во 2023  со скринингот на рак на грло на матка спроведени се ПАП тестови на 67.590 лица од кои 32% добиле резултати по одминување на 30 дена од прегледот, а додека пак 25% воопшто не добиле резултати што влијае на квалитетот на спроведениот скрининг. Бројот на поканети и пријавени жени за скрининг на рак на дојка изнесува 10.869, од кои само на 4.918 жени (45%) е направено снимање, а 68% од нив добиле резултати по одминување на 30 дена од прегледот, како разумен рок за добивање резултати, што доведува да не се откријат навремено потенцијални малигни заболувања.

    „Имајќи ја предвид сериозноста на малигните заболувања и потребата од итно спроведување на здравствен третман при нивно дијагностицирање, може да се констатира дека целта на оваа Програма донесена согласно член 16 од Законот за здравствена заштита не е остварена поради недоволниот опфат, како и долгиот период на издавање резултати“, велат Заводот за ревизија.

    Ревизорите им препорачале на одговорното лице во Министерството во соработка со лицата одговорни за имплементација на Програмата за рано откривање на малигни заболувања да ги преземат следните активности:  да се дефинира бројот на лица кои ќе бидат опфатени со скринингот,  да се воспостави следење и евиденција на лицата поканети на скрининг, како и на оние кај кои се откриени клеточни абнормалности и оние со малигно заболување, како и со Програмата да се дефинира рокот за издавање на резултатите од извршениот скрининг.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира