Американскиот Стејт департмент вчера отпушти над 1.300 вработени, во согласност со драматичниот план за реорганизација од администрацијата на претседателот Доналд Трамп, за кој критичарите велат дека ќе му наштети на глобалното лидерство на Америка и напорите за справување со заканите во странство.
Според висок функционер на Стејт департментот, кој зборуваше под услов да остане анонимен, Министерството испрати известувања за отпуштање до 1.107 државни службеници и 246 службеници со задачи во САД. Во известувањата се вели дека работните места се „укинуваат“ и дека вработените ќе го изгубат пристапот до седиштето на Стејт департментот во Вашингтон и до нивната е-пошта и заеднички дискови до 17 часот.
Додека отпуштените вработени ги пакуваа своите работи, надвор протестираа десетици поранешни колеги, амбасадори, членови на Конгресот и други, држејќи транспаренти на кои пишуваше „Благодарност до американските дипломати“ и „Сите заслужуваме подобро“.
Иако мерките за смалување на Стејт департментот беа пофалени од претседателот Доналд Трамп, државниот секретар Марко Рубио и нивните републикански сојузници како неопходни за да се направи службата поефикасна, отпушањата беа остро критикувани од сегашни и поранешни дипломати кои велат дека ќе го ослабат влијанието на САД и способноста за справување со постојните и новите закани во странство.