Од 16 јули до 3 август ќе се одржува културно-уметничката и спортска манифестација „Тетово прославува – Тетовско културно лето 2025“. Оваа манифестација ќе чини 150.000 евра, средствата дел се обезбедени од општинскиот буџет, а дел се од донатори.
„Според првите пресметки, буџетот за оваа манифестација ќе изнесува околу 10 милиони денари или околу 150.000 евра. Овие средства дел ќе бидат обезбедени од буџетот на Општина Тетово, а поголемиот дел ќе биде преку донации“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами кој денеска на прес-конференција ја претстави програмата.
Исто како и минатата година, така и оваа, програмата од манифестацијата на новинарите беше поделена отпечатена само на албански јазик со образложение дека наскоро ќе биде преведена и на македонски јазик.
На годинашново Тетовско културно лето предвидено е да се одржат спортски активности во пливање, тенис, фудбалски натпревари, кошарка на плоштад и велосипедски трки. Ќе има изложба на стари возила „Олд тајмери“, но и на луксузни возила.
Во делот наречен „Програма на заедниците“ ќе настапат културно уметнички друштва и музички ансамбли од Тетово со тоа што секоја заедница, албанската, македонската, турската и ромската ќе имаат по една вечер да се претстават пред тетовската публика.
„Преку музика, танци и традиционални ансамбли, ќе се промовира социјална кохезија и меѓусебно почитување“, истакна Касами.
Во забавниот дел од програмата наречен „Ноќи на младите“, кој ќе се одржи кон крајот на јули се планираат три големи музички вечери на кои ќе настапат реномирани уметници од Македонија, Албанија и Косово.
З. АНДОНОВ