ОСОМНИЧЕНАТА ОЧНА ЛЕКАРКА ОД БИТОЛА ПОБАРАЛА СТО ЕВРА ПОТКУП ЗА ОПЕРАЦИЈА НА КАТАРАКТА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА КУЌЕН ПРИТВОР

    ОСОМНИЧЕНАТА ОЧНА ЛЕКАРКА ОД БИТОЛА ПОБАРАЛА СТО ЕВРА ПОТКУП ЗА ОПЕРАЦИЈА НА КАТАРАКТА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА КУЌЕН ПРИТВОРВработената во Клиничката болница во Битола, вчера беше уапсена на работното место поради сомнение дека примила мито. (Фото: СДК.МК)

    Сто евра бил поткупот што го побарала лекарката офталмолог И.  Д. (67), вработена во Клиничката болница во Битола, која вчера беше уапсена на работното место поради сомнение дека примила мито. Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) соопштија дека против неа е поведена постапка за кривично дело Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка куќен притвор за осомничената.

    „Осомничената, доктор-офталмолог при ЈЗУ Клиничка болница ‘Д-р Трифун Пановски’ Битола, побарала од лице од Ресенско, подарок во износ од сто евра за да изврши службено дејствие кое што секако би морала да го изврши, односно да изведе операција – отстранување на катаракта кај сопругата на пријавителот“, соопштија од Обвинителството.

    На 16 јули, таа го повикала пријавителот на Одделението за офталмологија во болницата за да ги земе парите и да закажат операција. Тој ѝ дал една банкнота од 100 евра која претходно била обележана.

    Од СВР Битола велат дека по претходно добиени оперативни сознанија и пријавен настан, полициските службеници извршиле претрес во службените простории кои ги користела И. Д., како и личен претрес врз неа, при што биле пронајдени бележаните пари кои потекнуваат од кривичното дело.

    Од Клиничката болница каде лекарката работи се оградија од нејзиното однесување и под итно спроведоа постапка за суспензија сè додека трае процесот на истрагата согласно важечките законски прописи. Воедно, изразија жалење за ситуацијата во која биле доведен пациентот и неговото семејство.

    „Поразителен е фатот што незаконските дејанија од лекар кон пациент се случуваат во здравството, но силно охрабрува фактот што овие случаи добиваат јавност, транспарентно и законито постапување од страна на државните органи“, соопшти Болницата и изрази сериозна загриженост што по вторпат од почетокот на годината се соочува со незаконско постапување на нејзин лекар на штета на пациент.

    Од Лекарската комора изразија длабока загриженост и осуда на секое незаконско и неетичко постапување, особено кога тоа доаѓа од здравствен работник. Од Комората велат дека не треба да се толерираат никакви девијантни појави што го нарушуваат принципот на чесност и доверба меѓу пациентите и лекарите. Во целост ги поддржуваат институциите на системот во нивната работа за расчистување на случајот и очекуваат навремена и транспарентна истрага.

    „Сакаме да нагласиме дека се работи за индивидуален чин кој не ја одразува посветеноста и професионалноста на најголемиот број лекари во нашата земја кои секојдневно со пожртвуваност и етички пристап се грижат за здравјето на граѓаните, некогаш работејќи и во предизвикувачки услови“, соопштија од Лекарската комора.

    Основниот суд од Битола во март годинава му изрече условна казна на познатиот битолски хирург М. С. (64), кој на 27 јануари по извршена операција на жолчно кесе кај пациентка во Клиничката болница во Битола примил мито од 150 евра.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира