Шеснаесетгодишник од Битола е тешко повреден во сообраќајка која се случила вчера додека управувал мотоцикл без регистарски таблички. Од СВР Битола соопштија дека несреќата се случила во 15.24 часот на крстосницата од патот Битола-граничен премин Меџитлија со локалните патишта за селата Оптичари и Бистрица, Битолско.
„Сообраќајна несреќа настанала помеѓу мотоцикл без регистарски таблички, управуван од малолетник од Битола и патничко возило ‘опел астра’ со српски национални ознаки, управувано од П. Ш. (61) од Република Србија“, соопштија од СВР.
Во несреќата тешко е повредено момчето, пренесено во Клиничката болница Битола.
Синоќа во Охрид на патот кој води кон плажите, во населбата Рача, во сообраќајна несреќа загина 16-годишник со мопед, а неговиот сопатник кој му бил врсник е тешко повреден.
Преку лето зачестуваат сообраќајните несреќи со мотоцикли, а не ретко учесници и повредени се малолетни лица. На 13 јуни во Битола, тројца малолетници од кои најмладиот 14-годишен, беа повредени при судар на два мопеда. На 9 јули, 19-годишник од Битола со мотоцикл без регистарски таблички удрил во 76-годишен пешак и двајцата се тешко повредени.
Битолачани кои живеат на улицата Илиненска, која беше целосно преасфалтирана пред неколку години, се жалат дека во деловите каде нема легнати полицајци преку ноќ мир немаат од мотори кои возат брзо и со турирање.
Ж. ЗДРАВКОВСКА