Градоначалникот на Битола Тони Коњановски синоќа направил сообраќаен прекршок паркирајќи се погрешно на улицата Новачки пат кај влезот на ресторанот „Фелиција“. Фотографиите со погрешно паркираното возило беа објавени уште синоќа во еден часот по полноќ на социјалните мрежи.
„Градоначалник за ‘пример!’ Без разлика што е во заминување, Коњановски треба да ги почитува прописите секогаш. Се надевам нема да се правда дека не е негова колата, дека друг ја паркирал вака синоќа или, не дај Боже, му се расипала. И за тоа има правила и прописи како се постапува“, рече неговиот противкандидат за градоначалник на Битола, Методија Куновски од СДСМ.
Коњановски попладнево на неговиот фејсбук профил призна дека направил сообраќаен прекршок. Напиша дека е и тој човек кој греши, а во животот никој не е безгрешен, но дека не е над законот и ја платил глобата. Тој го објави и платниот налог на кој пишува дека е издаден денес, на 18 јули 2025 година за прекршок по член 63 став 1 од Законот за безбедност во сообраќајот.
„Категорично ги демантирам сите објави дека јас сум се поставил над законот. Пред законот сите граѓани сме еднакви. Верувам во ред, одговорност и еднаквост пред законот. Токму затоа, казната за сторениот сообраќаен прекршок ја платив веднаш, без двоумење. Секој од нас треба да биде пример, коректор на себе, а потоа и пример за другите. Не се кријам , не се оправдувам и не барам никаква привилегираност“, напиша Коњановски.
Од Општина соопштија дека прекршокот бил направен синоќа, но не бил казнат на местото на настанот зашто не наишла сообраќајна контрола во тој период. Откако излегла фотографијата на интеренет, без двоумење го признал делото и ја платил казната.
Во Законот за безбедност во сообраќајот член 63 (1) пишува дека возачот, односно сопственикот на возилото не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА