Русија е отворена за разговори со Украина, но остварувањето на целите останува приоритет, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, откако Доналд Трамп ѝ постави ултиматум на Москва да прифати прекин на огнот во рок од 50 дена или ќе се соочи со посилни санкции. И Володимир Зеленски вчера ѝ предложи на Русија одржување на нова рунда мировни разговори.
„Претседателот Владимир Путин постојано зборува за неговата желба што поскоро да се постигне мирно решение за украинското прашање. Ова е долг процес, бара напор и не е лесен“, изјави Песков.
Кремљ ги отфрла обвинувањата од Киев и неговите западни сојузници дека ги кочи мировните разговори. За тоа време, Русија продолжува да ги напаѓа украинските градови со дронови и проектили, при што ноќеска во Киев загина најмалку едно лице. Градоначалникот Витали Кличко изјави дека експлозии се слушаа низ целиот град и дека е оштетена и станица на подземната железница во центарот, каде што жителите бараат засолниште од воздушните напади.
Досегашните две рунди мировни разговори во Истанбул не донесоа значајни резултати. Засега нема термин за нови разговори.
„Главната работа за нас е остварувањето на целите. Нашите цели се јасни“, нагласи Песков.
Кремљ, меѓу другото, бара Киев да се откаже од четирите региони што Русија незаконски ги анектираше во 2022 и ветување дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО.