„ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“, „НЕЗАВИСНИ ЗА КАРПОШ“ И „ЗЕЛЕНИТЕ ОД ГАЗИ БАБА“ ЗАЕДНО ЌЕ ФОРМИРААТ ПАРТИЈА ЗАТОА ШТО ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ЗДРУЖЕНО ЗАБРАНИЈА ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ДА УЧЕСТВУВААТ НА ИЗБОРИ

    „ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“, „НЕЗАВИСНИ ЗА КАРПОШ“ И „ЗЕЛЕНИТЕ ОД ГАЗИ БАБА“ ЗАЕДНО ЌЕ ФОРМИРААТ ПАРТИЈА ЗАТОА ШТО ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ЗДРУЖЕНО ЗАБРАНИЈА ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ ДА УЧЕСТВУВААТ НА ИЗБОРИНа локалните избори 2021, независни кандидати добија место во дури 33 општини или 41% од сите општини во Македонија и Град Скопје и со освоени над 56.000 гласови беа чеврта политичка сила во земјава.(Фото: СДК.МК)

    Независните граѓански иницијативи „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“ ќе формираат партија за да можат да учествуваат на изборите, затоа што власта и опозицијата им забранија на независните граѓански иницијативи да учествуваат на изборите. Во моментов, за да се учествува на избори, поедноставно е да се регистрира партија, отколку да се малтретираат граѓаните да се потпишуваат во подрачните единици во Општините да се соберат потписи за кандидатура за независни, без притоа да се знае колку потписи се потребни за Државната изборна комисија (ДИК) да ја прифати кандидатурата.

    Големите партии од власта и опозицијата лани здружено донесоа измени на Изборниот законик со кој се зголемува прагот на потребни потписи за нивно учество на изборите. Ова законски решение во март годинава го укина Уставниот суд, но оттогаш не е донесено ново решение, партиите избегнуваат да зборуваат за ова прашање, па се става под знак прашање учеството на граѓанските иницијативи на изборите.

    „Со здружување во заедничка формално регистрирана платформа, ќе се бориме против желбата на партиите да ги истиснат независните граѓански иницијативи од изборниот процес. Секој граѓанин има право да гласа за претставници кои навистина ги застапуваат неговите потреби. Платформата што ќе ја основаме формално мора да биде регистрирана како партија, а за тоа ќе ни биде потребна вашата поддршка“, велат од „Шанса за Центар“.

    Во овој момент едноставно не се знае дали независните граѓански иницијативи ќе можат да учествуваат на Локалните избори во октомври, ниту пак на политичките партии им е грижа за тоа. Оставена е правна празнина откако Уставен суд ги укина членовите 17 и 18 од измените во Изборниот законик донесени на 7 март 2024, со кои партиите од власта и опозицијата здружено го зголемија прагот за потребни потписи на 1 отсто од гласачкото тело во изборна единица за учество на независните листи на изборите.

    Пред два дена и граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ најави формирање на партија за да може да учествуваат на изборите. За формирање партија потребни се 1.000 потписи.

    „Законот дозволува потпис само за една опција, па затоа транспарентно информираме дека потпис  за нашата заедничка граѓанска платформа и потпис за која било друга нова партија, вклучително и на ‘Зелен хуман град‘, не може да се даде истовремено. Ќе мора да се направи изборот за тоа каде ја гледате вистинската граѓанска алтернатива во моментов“, додаваат од „Шанса за Центар“.

    На локалните избори 2021, независни кандидати добија место во дури 33 општини или 41% од сите општини во Македонија и Град Скопје и со освоени над 56.000 гласови беа чеврта политичка сила во земјава.

    Девет граѓански иницијативи цела година водат битка со институциите откако власта и опозицијата лани донесоа измени на Изборниот законик со кој го зголемија прагот на потребни потписи за учество на независните на избори. Граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“ и „Стига е“ од Струмица, Ново Село и Босилово бараат да се постави услов од 20 до 100 собрани потписи и 200 собрани потписи за Град Скопје за независни листи на кандидати по пример на бројните европски држави. Исто така се бара да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји, да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот, да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидати за избор на претседател, пратеници, членови на совет, односно градоначалник, со ждрепка, да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира