ПАРКОТ ЕЗЕРАНИ СЀ ПОЧЕСТО ГОРИ, А ПИРОМАНИТЕ ДОСЕГА НЕ СЕ ФАТЕНИ, ИМА ЗАСИЛЕНИ КОНТРОЛИ СО ДРОНОВИ ОТКАКО ИЗГОРЕ ПОЛА ПОВРШИНА

    ПАРКОТ ЕЗЕРАНИ СЀ ПОЧЕСТО ГОРИ, А ПИРОМАНИТЕ ДОСЕГА НЕ СЕ ФАТЕНИ, ИМА ЗАСИЛЕНИ КОНТРОЛИ СО ДРОНОВИ ОТКАКО ИЗГОРЕ ПОЛА ПОВРШИНАГасењето на пожар во Паркот Езерани е тешка интервенција, велат пожарникарите, трската е сува и гори како да е потпалена со бензин, а долу теренот е мочурлив. (Фото: СДК.МК)

    Секоја година сѐ позачестени се пожарите во Паркот на природата Езерани во Преспа, во голем дел предизвикани од човечки фактор, но досега не е фатен ни еден пироман, вели Муталип Таировски, командир на Територијалната противпожарна единица од Ресен.

    „Командир сум три години и досега никој не бил фатен. Сѐ почесто имаме пожари таму, тоа е од човечки фактор. Кога бевме да гасиме видовме дека човек пали, но ни беше многу далеку за да го фатиме. Има пиромани, немаат некаков интерес од тоа, нема стока таму да се паси, само штета што ни прават“, вели Таировски.

    Во последниот пожар кој се случи на 20 и 21 јули 2025 година изгоре скоро половина од копнената површина на Паркот. Според проценките на Македонското еколошко друштво (МЕД), пламените јазици проголтаа над 500 хектари површина, главно природа која се смета за гордост во претставување на македонските природни вредности пред светот. Изгореа околу 200 хектари трска, над 160 хектари шуми и галерии од врби и тополи, околу 100 хектари на ливадски заедници, околу 30 хектари шуми од евла, околу 15 хектари земјоделски насади и овоштарници, како и 10 хектари преодни вегетациски типови од најблиското крајбрежје на Преспанското Езеро. Се проценува дека е причинета штета од милиони евра.

    Од Секторот за внатрешни работи (СВР) во Битола, под кој спаѓа и полициската станица во Ресен, велат дека се истражува дали пожарот бил подметнат, а засега нема осомничени.

    Паркот и пред пожарот беше под видеонадзор и контроли кои деновиве се позасилени, а вклучени се и дронови.

    „Има претпоставки дека пожарот бил подметнат. Паркот е под видеонадзор, пожарникарите и ренџерите за време на пожарот забележале лице и се обиделе да го лоцират, но им побегнало. Потпалувачот ги избегнал камерите. Не сакам за осудувам никого, но очигледно теренот му е познат. Контролите се засилени, се користат и дроновите со кои располага Паркот“, вели градоначалникот Јован Тозиевски.

    Гасењето на пожар во Паркот Езерани е тешка интервенција, велат пожарникарите, трската е сува и гори како да е потпалена со бензин, а долу теренот е мочурлив.

    „Интеревeнциите во Езерани се многу тешки зашто има непристапни терени. Трската кога гори, висока е и не можеме да пристапиме. Се развива висока температура, а со камион не може да се пристапи зашто почвата е мочурлива, може да пропадне камионот и да изгорат луѓето. Пожарникар доколку влезе во запалена трска може да го заобиколи огнот и да остане во трската. Огнот многу брзо се шири ако има ветер, како да е потурена со бензин“, посаочува Таировски.

    Паркот Езерани е прогласен за заштитено подрачје од четврта катергорија според Закон за заштита на природа, согласно критериумите на Меѓународниот сојуз за заштита на природа (IUCN), а според согледувања на МЕД, Езерани претставува национално и светско природно богатство со кое треба да се гордее целата држава.

    Од Паркот претпоставуваат дека големи штети претрпи и живиот свет, посебно птиците и гнездилиштата. Во Паркот на 1.917 хектари живеат голем број ретки и загрозени растителни и животински видови. Тој е дом на 216 видови птици од кои дел глобално загрозени што претставува 66% од птиците на национално ниво или 42% од вкупниот број птици регистрирани во Европа. Меѓу нив и најголемата колонија на далматински пеликани. Во Езерани живеат 30 видови цицачи, безрбетници, водоземци и влечуги меѓу кои и балкански ендемити, кои се дел од природното богатство на Македонија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира