Тајланд и Камбоџа се напаѓаат меѓусебно со артилерија, додека нивните најтешки борби во повеќе од една деценија продолжуваат втор ден, и покрај повиците од регионот и пошироко за итен прекин на огнот. Досега е потврдено дека загинале најмалку 16 лица во пограничните области.
Тајландската војска објави дека утрово имало судири во две провинции и дека Камбоџа употребила артилерија и ракетни системи од руско производство. Властите соопштија дека 100.000 луѓе се евакуирани од ризичните области на тајландската страна.
„Камбоџанските сили вршат континуирано бомбардирање со тешко оружје, вклучувајќи артилерија и ракетни системи ‘БМ-21‘. Тајландските сили одговорија со соодветен оган во согласност со тактичката ситуација“, се вели во соопштението на тајландската војска.
Двете страни се обвинуваа меѓусебно за започнувањето на конфликтот вчера во спорната гранична област, што брзо ескалираше во тешко гранатирање на најмалку шест локации оддалечени 209 километри по должината на границата, каде што суверенитетот е спорен повеќе од еден век.
Престрелките почнаа откако Тајланд го отповика својот амбасадор во Камбоџа во средата и изјави дека ќе го протера амбасадорот на Камбоџа во Бангкок откако втор тајландски војник за една недела загуби нога од нагазна мина. Тајланд тврди дека мините неодамна биле поставена во спорната област.
Бројот на жртви во Тајланд се искачи на 15, од кои 14 се цивили, според министерството за здравство, а 46 лица се ранети. Владата на Камбоџа не даде детали за евентуални жртви или евакуации. Властите од една провинција објавија за еден загинат цивил.
Тајланд вчера стави шест авиони „Ф-16“ во борбена готовност, од кои еден бомбардирал воена цел во Камбоџа, што таа го нарече „неодговорна и брутална воена агресија“. Камбоџа нема борбени авиони и располага со значително помалку одбранбена опрема и персонал, според Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон.