Бенјамин Нетанјаху и Доналд Трамп ги напуштиле преговорите за прекин на огнот во Газа, при што двајцата кажаа дека станало јасно дека Хамас не сака договор.
Нетанјаху изјави дека Израел сега разгледува алтернативни опции за постигнување на своите цели за враќање на заложниците и за ставање крај на владеењето на Хамас во Газа. Трамп додаде дека верува оти Израел сега ќе ги лови лидерите на Хамас.
Ваквите изјави оставаат малку или воопшто не оставаат простор за продолжување на преговорите за запирање на борбите, во време кога расте меѓународната загриженост поради влошувањето на гладот во разорената Газа. Реагирајќи на влошената хуманитарна ситуација во Газа, Емануел Макрон објави дека Франција ќе стане првата голема западна сила што ќе ја признае палестинската држава. Велика Британија и Германија изјавија дека сè уште не се подготвени да го сторат тоа.
Израел и САД вчера ги повлекоа своите делегации од разговорите за прекин на огнот во Катар, неколку часа откако Хамас го поднесе својот одговор на предлогот за примирје. Американскиот пратеник за Блиски Исток, Стив Виткоф, изјави дека Хамас е виновен за застојот на преговорите. Високиот функционер на Хамас, Басем Наим, на Фејсбук напиша дека разговорите биле конструктивни.
„Веруваме дека она што го презентиравме би можело да доведе до договор ако непријателот има волја да склучи договор“, рече Наим.
Со предложеното примирје би се прекинале борбите на 60 дена, би се дозволило влегување на поголема помош во Газа и би се ослободил дел од преостанатите 50 заложници во замена за палестински затвореници.
Меѓународните организации за помош велат дека масовен глад сега владее во Газа, а залихите се потрошени. Израелската војска денеска соопшти дека се согласила да им дозволи на земјите да испуштаат помош од воздух во Газа. Хамас го отфрли ова како трик.