Ромите во Македонија се соочуваат со дискриминација, антициганизам, социјална исклученост и сиромаштија, но и со еколошки опасности, заклучи комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл O’Флаерти.
Тој престојуваше во Македонија од 22 до 25 април за да се информира за човековите права на Ромите, но и за човековите права поврзани со животната околина. Притоа забележал дека во Македонија има добри закони кои не се спроведуваат или барем не целосно.
O’Флаерти е загрижен дека многумина Роми продолжуваат да се соочуваат со дискриминација, сиромаштија и социјална исклученост.
„Кога средствата се достапни за прашања што треба да ги решат локалните самоуправи, тие ретко се трошат целосно и не секогаш се користат соодветно во корист на Ромите“, стои во извештајот на O’Флаерти.
Во македонското општество распространети се различни форми на антициганизам.
„Ова води кон дискриминација, ширење на стереотипи, предрасуди и говор на омраза, особено на интернет и во медиумите“, стои во извештајот.
O’Флаерти додава дека предучилишното образование е клучно за подобрување на инклузијата и успехот на децата Роми во основно училиште. Околу 150 деца Роми бесплатно посетуваат предучилишно образование, што е само 14% од децата Роми на таа возраст. Тие се запишуваат на училиште, но продолжуваат предвреме да го напуштаат школувањето.
Голем проблем во основното образование е што во некои училишта има концентрирано мнозинство на ромски ученици или речиси целосно ги посетуваат деца Роми, иако во нивна близина има и други училишта. Некои родители на неромски деца не сакаат нивните деца да учат со Роми, па во некои училишта има одделенија во кои се групирани само Роми.
„Овие видови сегрегација се документирани во училишта во Битола, Штип, Прилеп, Кочани и Берово, а се чека и жалба за уште едно училиште во Велес, што укажува дека феноменот е широко распространет во областите каде што живеат Роми во Северна Македонија“, вели комесарот.
Тој е загрижен и за децата кои секој ден ги гледаме на улица.
„Комесарот беше информиран дека малкумина од децата на улица се бездомници, но повеќето припаѓаат на маргинализирани семејства кои живеат во крајна сиромаштија и во преполни и нестандардни живеалишта. Поради нивната ранлива состојба, децата на улица не одат на училиште и се заробени во циклус на социјална исклученост и сиромаштија. Тие просат или продаваат мали предмети за да придонесат за заработката на своите семејства“, стои во извештајот.
Според информациите дадени од заменик-министерот за социјална политика, кај нас има околу 400 деца на улица, од кои повеќето се во Скопјe и Прилеп. Во земјата има три дневни центри со приближно 70-80 места, а останатите деца немаат пристап до други форми на грижа или образовни активности.
Комесарот бил информиран и дека продолжува дискриминаторскиот третман кон Ромите од страна на полицијата. Граѓанското општество споделило извештаи за етничко профилирање, произволни апсења на млади Роми и за употреба на расистички навреди и прекумерна сила при апсење и полициско испрашување.
O’Флаерти е загрижен и за негативните влијанија на аерозагадувањето врз здравјето на луѓето, особено во Скопје, Битола и Тетово. Тој им препорача на властите да ги признаат еколошките опасности на кои се особено изложени ранливите ромски заедници.