Врвот Пиз Бое на планинскиот венец Доломити, кој е дел од источните Алпи во Италија, беше искачен од женско-машка планинарска група од Македонија, која по тешка патека стигна до врвот висок 3.152 метри.
Лидери на оваа експедиција беа планинарките Емилија Гаврилова, Александра Санева, Билјана Лепавцова и Вишна Шорова, кои пред неколку години учествуваа во женско-машка планинарска експедиција која се искачи на врвот Брајтхорн во Швајцарија, висок 4.164 метри.
„Тогаш во наша придружба беше штипскиот планинар Трајче Алексов, познат по искачувањето на хималајските врвови. Сега без него, но со наше искуство ја поминавме оваа мошне тешка патека, една од најтешките во овој дел на Европа, иако врвот не е многу висок“, велат од ПК „Лисец“ од Штип.
Во експедицијата беа и планинарите од ПК „Лисец“ Анѓел Шијаков, Александар Санев, Мики Станисавовски и Мане Ангеловски, на кои им се приклучиле уште неколкумина ентузијасти од соседните земји на Балканот.
Т. ЈОВАНОВСКИ