РЕВИЗОРИТЕ ДВЕ ГОДИНИ ПО РЕД ВЕЛАТ ДЕКА ИМА СЛАБОСТИ И НЕПРАВИЛНОСТИ ЗА ЛЕКУВАЊАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ВО СТРАНСТВО ПРЕКУ ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО

    РЕВИЗОРИТЕ ДВЕ ГОДИНИ ПО РЕД ВЕЛАТ ДЕКА ИМА СЛАБОСТИ И НЕПРАВИЛНОСТИ ЗА ЛЕКУВАЊАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ВО СТРАНСТВО ПРЕКУ ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВОПокрај судските постапки во земјата, Фондот се јавува како тужена страна и во 12 постапки покренати од германска болница со тужбено барање за наплата на нецелосно платени фактури за лекување на осигуреници на Фондот со вкупна вредност од 433.777 евра односно 25.627 илјади денари. (Фото: СДК.МК)

    Во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица од Македонија постојат повеќе слабости и неправилности, односно не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство, за што од страна на Фондот по овој основ се исплатени средства во износ од 311.237 илјади денари, односно околу 5 милиони евра, стои меѓудругото во извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) за 2023 година.

    Истите забелешки беа наведени и лани, во извештајот на ревизорите за работата на Фондот за 2022 година.

    За побарувањата за дадени аванси за лекување во странство кои заклучно со 2023 изнесуваат 300.292 илјади денари (околу 4,8 милиони евра) не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници и навремено затворање на дадените аванси, што доведува до континуиран пораст на истите.

    „Обрнуваме внимание дека по поведена судска постапка пред надлежен суд, Фондот се јавува како странка во судски спорови чие решавање зависи од идни настани чиј исход не може да се предвиди и чие решавање може да има ефект врз финансиските извештаи. Според добиените информации заклучно до денот на ревизијата, Фондот се јавува како тужена страна во 27 судски постапки во земјата во кои се бара плаќање на 317.924 илјади денари, од кои 73% се однесуваат на постапки покренати од приватни здравствени установи ( ПЗУ) за плаќање на услуги над договорениот годишен надоместок50, а остатокот се постапки покренати од осигуреници за трошоци за лекување во странство, постапки за неплатени делови од фактури за ортопедски помагала, како и по основ на долг по фактури за извршени набавки и други обврски. Во текот на 2023 година по правосилни пресуди Фондот има исплатено 7.921 илјади денари на еден тужител“, утврдиле ревизорите.

    Покрај судските постапки во земјата, Фондот се јавува како тужена страна и во 12 постапки покренати од германска болница со тужбено барање за наплата на нецелосно платени фактури за лекување на осигуреници на Фондот со вкупна вредност од 433.777 евра односно 25.627 илјади денари.

    „По добиен Наод и мислење од извршено вештачење и правно мислење од адвокатска канцеларија, доставени се повеќе информации до Владата и започната е комуникација со болницата. Во досегашниот период 9 тужбени барања од болницата се усвоени од германскиот суд, а за 4 од нив Фондот има поднесено жалба. Од друга страна Фондот се јавува како тужител во 9 судски постапки со вкупна вредност од 67.996 илјади денари, од кои 98% се од правни лица ортопедски куќи за испорачани несоодветни помагала. Постои неизвесност за крајниот исход на судските постапки од дополнително оптоварување на проценетиот износ со камати и судски трошоци кај споровите во кои Фондот е тужена страна, како и за наплата на побарувањата, што може дополнително да го оптовари работењето во иднина“, стои во извештајот.

    Државниот завод за ревизија во извештајот наведува и дека контролните активности за вршењето на здравствените услуги во здравствените установи не се соодветно воспоставени или спроведени, поради што не е обезбедено целосно потврдување на фактурите за извршени здравствени услуги.

    „Непостоењето на единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и пресметки за извршени здравствени услуги, кои се основа за изготвување на месечни фактури/извештаи создава ризик од пропусти и грешки. Новите вградени системски контроли во ИТ системот на Фондот за фактурираните рецепти од аптеките и постојниот мануелен начин на контрола на рецептите од аптеките не се целосни и доволно ефикасни, а системот еРецепт сѐ уште не е воспоставен“, вели ДЗР.

    Ревизорите утврдиле  слабости и во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради отсуство на ИТ стратегија, недостиг на ИТ кадар, застарена серверска структура и недоволна безбедност на ИТ системот, состојби коишто резултирале со сајбер напад во февруари 2023 година што довело до нарушено функционирање на целиот здравствен систем во државата. По настанатиот сајбер напад реализирани се договори за изнајмување на приватен облак за податочниот центар во Фондот, како и за услуги за системска и мрежна инфраструктура и систем за сајбер безбедност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира