НА ГЛУМЦИТЕ ИМ ВЕЛАМ „ПОМАЛЦЕ“, ЗА ДА ИМА ПОМАЛКУ ГЛУМА, А ПОВЕЌЕ ВИСТИНА ВО УЛОГАТА, ВЕЛИ МАНЧЕВСКИ ЗА СНИМАЊЕТО НА „ЗБОГУМ, КОПАКАБАНО“

    НА ГЛУМЦИТЕ ИМ ВЕЛАМ „ПОМАЛЦЕ“, ЗА ДА ИМА ПОМАЛКУ ГЛУМА, А ПОВЕЌЕ ВИСТИНА ВО УЛОГАТА, ВЕЛИ МАНЧЕВСКИ ЗА СНИМАЊЕТО НА „ЗБОГУМ, КОПАКАБАНО“Милчо Манчевски со актерите Филип Трајковиќ и Сара Климоска на синоќешното снимање на сцена, која ќе биде на почетокот на филмот. (Фото: К. Попов)

    Виктор (Филип Трајковиќ) се качуваше по покривот на Даут пашин амам, во црна темница, додека новинарите без здив го гледаа како лесно се движи низ стрмниот ѕид и потоа се спушти со парче железо по едно скеле. Ова беше дел од синоќешната сцена од снимањето на новиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Збогум, Копакабано“ (работен наслов „Биста“).

    Вчера беше 15. ден од снимањето на филмот, или како што вели продуценотот, Јане Ќортошев, „ја кршиме половината и имаме уште толку за снимање“. Тој, како и целата екипа, велат дека се среќни оти најтешките локации и сцени веќе ги снимиле, особено што изминатите две недели снимале во Драчево каде немало ниту една сенка, како и на скопскиот Аквадукт, со многу прашина и температури над 42 степени.

    Филип Трајковиќ на покривот на Даут пашин амам. (Фото: К. Попов)

    „Снимавме сцена на Аквадуктот каде на сонце, на температура над 42 степени, играв фудбал со нови копачки. Сцената беше со еден професионален фудбалер, новите копачки ми направија плускавец и во еден момент кај што се тегневме со него, јас застанав и реков ‘Стоп, ве молам ова не се издржува’“, вели Трајковиќ низ смеа, раскажувајќи за снимањето на високи температури.

    Трајковиќ и Сара Климоска ги играат братот и сестрата Виктор и Малина, а нивен татко е Јордан Симонов, во ликот на Панче Керамида.

    Трајковиќ и Климоска по втор пат глумат заедно во филм на Манчевски, по „Кајмак“, а Климоска играше и во „Врба“.

    Сара Климоска и Филип Трајковиќ. (Фото: К. Попов)

    Двајцата актери од Драмски театар од Скопје велат дека имаат уникатен партнерски однос, супер енергија и никогаш досега не се поврзале на сет како за овој филм „Збогум, Копакабано“.

    Споредувајќи го искуството со Манчевски од претходните филмови, низ смеа велат дека сега режисерот само едно нешто им говорел: „Помалку“. А Манчевски појаснува: „Помалку во однос на глумата значи помалку да ја видиме, да биде пополна со вистина, да има повеќе вистинска емоција. Помалку покажување, дај ми помалце“.

    „Многу сум задоволен дека се снима овој филм, дека е победа против филмската мафија. Од претходните филмови ќе се разликува по тоа што ќе биде посмешен, ова е комедија и тажна прказна за брат, сестра и шахта. Јас никогаш не работам со однапред зададена агенда, мене ме интересира заплетот, ме интересира приказната, луѓето. И сега работејќи на тоа, ако е добар процесот, ако има синергија со соработниците, а овојпат имам феноменални соработници и меѓу глумците и меѓу екипата, вредните работи, темите, пораките сами испливуваат на површина и стануваат и поинтересни и повидливи и порелевантни. Секаде во светот ги има горе-долу истите емоции, истите стремежи, истите трагедии со некои мали локални разлики и досега искуството на сите мои филмови беше, иако некои се случуваа во Македонија, другите во Америка, дека луѓето насекаде во светот можат да се поврзаат со нив и се надевам дека и овојпат ќе биде така“, рече Манчевски.

    Продуцентот Јане Ќортошев и актерот Јордан Симонов. (Фото: К. Попов)

    Симонов, кој глумеше во „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, вели дека „Збогум, Копакабано“ го гледа како еден вид врв на соработката.

    „Секое снимање филм е посебно доживување, тоа носи посебна енергија и магија, а луѓето и актерите кои што работат во него ја чувствуваат таа енергија … Во овој филм имам поголема задача, така што се надевам дека го постигнав она што требаше да се постигне, го доловив ликот на Панче Керамида, еден транзиционен јунак кој ги чувствува сите тешкотии од транзицијата, она што сите го чувствуваме живеејќи во Македонија 30 години“, рече Симонов.

    Освен Агенцијата за филм, „Збогум, Копакабано“ го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија.

    „Многу сум задоволен дека се снима овој филм, дека е победа против филмската мафија“, вели Манчевски. -Од вчерашното снимање. (Фото: К. Попов)

    Играат и: Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Калина Наумовска, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Сара Панковска, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

    Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е искусниот Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка на филмот е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира