Еден месец се одвиваше акцијата за отстранување хаварисани возила од јавните површини во Велес. Се однесуваше на хаварисани, некористени и напуштени моторни возила, приклучни возила и земјоделски машини, кои нивните сопственици ги оставиле на јавните површини.
„Во текот на акцијата ‘Чист град 2025‘ беа евидентирани околу 130 хаварисани моторни возила на јавните и сообраќајните површини. Хаварисаните возила што не беа отстранети по опомена се во мал број и за истите се води постапка за нивно отуѓување. Издаден е и прекршочен платен налог“, соопштија од локалната власт на поставеното прашање.
Тие им се заблагодарија на жителите на Општина Велес што придонесоа за успешно спроведување на акцијата.
Таа беше спроведена од страна на Општина Велес и СВР Велес во две фази. Првата фаза беше превентивна, со лепење налепници со рок за отстранување на возилата. Во втората фаза се изрекуваа глоба за оние кои не ги отстраниле моторните возила од јавните површини во дадениот рок.
П. ПЕЧКОВ