ДВАЈЦА ЗАГИНАТИ ОТКАКО АВТОМОБИЛ ИЗЛЕТА НА ИСКЛУЧОКОТ ОД НОВИОТ ЕКСПРЕСЕН ПАТ ПРИЛЕП-ГРАДСКО, ДОСЕГА ПЕТ ЖРТВИ ЗА ДВА МЕСЕЦА НА ОВА МЕСТО

    ДВАЈЦА ЗАГИНАТИ ОТКАКО АВТОМОБИЛ ИЗЛЕТА НА ИСКЛУЧОКОТ ОД НОВИОТ ЕКСПРЕСЕН ПАТ ПРИЛЕП-ГРАДСКО, ДОСЕГА ПЕТ ЖРТВИ ЗА ДВА МЕСЕЦА НА ОВА МЕСТООд добиените повреди, на местото на несреќата починале возачот и неговата сопатничка (Фото: СДК.МК)

    Две лица од Делчево загинаа вчера во излетување на автомобил од експресниот пат Прилеп-Градско. Сообраќајката се случила на исклучокот од новиот пат. На патот нема соодветна сигнализација која би предупредила за опасниот свиок.

    На 6 август околу 14:35 часот, во СВР Велес било пријавено дека на експресниот пат Прилеп-Градско, патничко возило ауди со делчевски регистарски ознаки, управувано од Ќ. С. (60) од Делчево, излетало од коловозот. Во возилото била и како сопатничка С. С. (57), исто така од Делчево“, соопшти Биљана Ѓаковска, портпаролка на СВР Велес.

    Од добиените повреди, на местото на несреќата починале возачот и неговата сопатничка.

    Побарана е интервенција од дежурна екипа на велешката Итна помош. Кога пристигнале на самото место, констатирале смрт кај двете лица“, рече д-р Славица Нешова-Пановска од службата за Итна помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес.

    Од ОЈО Велес соопштија дека телата на починатите биле дадени на обдукција, а автомобилот бил испратен на вонреден технички преглед.

    Ова се две нови жртви на свиокот при исклучувањето од новиот експресен пат Прилеп-Градско. За два месеца претходно загинаа уште три лица на ова место, а едно дете доби тешки повреди. Жителите од населбата Стопанство кај Градско алармираа дека исклучокот, кој тие го нарекуваат „свиок на смртта“, е опасен по безбедноста

    Автомобилот излета од кривината и падна во дворот. Кога излеговме од дома да помогнеме, немаше спас, беа мртви. Ние апелираме, никој не слуша. Треба ли возило да ни падне во куќата за да се свестат надлежните и да се преземат мерки? Вака не оди, не се чувствуваме безбедни“, велат жителите.

    Во понеделникот претпладне возило се заби во заштитната мрежа, а возачот минал со лесни повреди и мала материјална штета.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира