РУСИЈА НЕ СЕ СПРЕМА ЗА МИР, ТУКУ ЗА НОВИ ОФАНЗИВИ, ВЕЛИ ЗЕЛЕНСКИ ПРЕД САМИТОТ ТРАМП-ПУТИН

    РУСИЈА НЕ СЕ СПРЕМА ЗА МИР, ТУКУ ЗА НОВИ ОФАНЗИВИ, ВЕЛИ ЗЕЛЕНСКИ ПРЕД САМИТОТ ТРАМП-ПУТИНЗеленски вели дека Путин сака да ја претстави средбата со Америка како лична победа (Фото: АП)

    Русија спрема нови офанзиви во Украина и не покажува знаци дека е подготвена за прекин на огнот, предупреди Володимир Зеленски пред средбата Трамп-Путин, што ќе се одржи в петок на Алјаска. Украина засега не е поканета на претстојниот самит, на кој двајцата лидери ќе разговараат за можно решение на војната.

    „Путин дефинитивно не се спрема за примирје и крај на војната. Тој само сака да ја претстави средбата со Америка како лична победа и продолжува да делува како порано и да ја притиска Украина“, кажа Зеленски.

    Тој вели дека шефовите на војската и разузнавањето го известиле за тековните воени подготовки на Русија.

    „Нема назнаки дека Русија се спрема за пост-воена ситуација, барем не засега. Напротив, таа ги преместува своите трупи и опрема на начин што наликува на лансирање нови офанзивни операции. Ако некој се спрема за мир, тоа не се Русите“, додаде Зеленски.

    Украина и европските лидери се скептични за петочниот самит. И самиот Трамп призна дека од него можеби нема да произлезе мировен договор, туку повеќе сака да го опипа пулсот на Путин колку е спремен за мир.

    Трамп најави дека мировен договор веројатно ќе вклучи размена на територии, за што не се објавени детали. Сепак, од кабинетот на Зеленски кажаа дека Москва барала целосно повлекување на украинските сили од Доњецк и Луганск, додека Русија нудела да ги повлече своите сили од деловите на Суми и Харкив што ги окупира моментално.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира