Еден 41-годишен војник загина, а друг е тешко повреден при гасење пожари во Црна Гора. Тие настрадале откако се превртела цистерна со вода во реонот на Куча, објави министерството за одбрана на Црна Гора.
Земјата веќе неколку дена се бори со пожари, кои се активни на повеќе локации, вклучувајќи ги Подгорица, Бар, Будва, Никшиќ и Шавник, а кај Буљарица се загрозени и куќи.
„Од сите пожари, ситуацијата е најсериозна на подрачјето на Подгорица, каде што гори кај неколку околни населени места. Тешко е да се каже колку активни пожари има во земјата“, изјави директорот на Управата за заштита и спасување Миодраг Бешовиќ.
Црна Гора побара помош од Европска Унија и НАТО, а во гаснењето учествува и хеликоптер од Србија.