Лажна дојава за бомба ноќеска, помеѓу петок и сабота, ги поремети сите утрински полетувања на Меѓународниот аеродром Скопје.
Дојавата за бомба била во 2:41 часот. Според патници кои се јавија во нашата редакција, тие веќе влегувале во авион за Анталија на „Фрибрд ерлајнс“ кој требало да полета во 3:20 кога безбедносните служби ги упатиле кон старата аеродромска зграда, а потоа биле извадени надвор од зградата. Потоа повторно ги минувале сите безбедносни проверки.
Исто така, заради безбедност, службите го преместиле и авионот подалеку од другите летала додека се чекала екипата за проверка за бомба. Авионот бил преместен во близина на старата аеродромска зграда.
Од ТАВ Македонија и МВР соопштија дека веднаш по дојавата за бомба биле преземени сите неопходни мерки.

Патниците на летот за Анталија влегувале во авионот кога стигнала дојавата за бомба по што веднаш биле евакуирани. (Фото: С. Вренцовска)
„Согласно процедурите за постапување, аеродромските служби на Меѓународен аеродром Скопје како и сите релевантни служби и институции при МВР беа веднаш известени и активирани беа сите планови и процедури за постапување при вакви настани. Единици на МВР веднаш ги презедоа сите неопходни мерки и проверки и утврдија дека заканата е лажна.Нема откажани летови на Меѓународен аеродром Скопје, но сообраќајот беше времено запрен до 6:00 часот утринава, односно сé додека МВР не извести дека е безбедно операциите на аеродромот да продолжат по редовниот распоред“, велат од ТАВ Македонија.
Од МВР соопштија дека во 02:41 часот на телефонскиот број 112 е добиена пријава за поставена бомба во авион кој од Меѓународниот аеродром Скопје требаше да полета кон Турција.
„Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни активности и извршени се потребните проверки од страна на антитерористичката единица при МВР и утврдено е дека пријавата е лажна односно дека нема никаква експлозивна направа. Околу 06 часот аеродромот продолжи со редовно работење“, велат од МВР.
Првиот авион што полета по отварањето на аеродромот беше дури околу 7:30 часот на „Олимпик ервејс“ за Атина, по што авионскиот сообраќај постепено се нормализира и авионите полетуваат со неколкучасовно задоцнување.
А. АНТЕВСКА