Володимир Зеленски изјави дека в понеделник ќе патува во Вашингтон за разговори со Доналд Трамп. Тој на Телеграм објави дека е благодарен за поканата.
Од кабинетот на Зеленски потврдија дека тој утрово имал телефонски разговор со Трамп. Зеленски не беше поканет на самитот на Алјаска и Трамп претходно кажа дека ќе му се јави веднаш по неговото завршување.
Во кратка писмена изјава на Зеленски стои дека имал долг и суштински разговор со Трамп, кој траел околу еден час, по што се вклучиле и некои европски лидери.
Трамп и Путин разговараа речиси три часа во Енкориџ, но нивната средба не ја доближи Украина до прекин на огнот. Американскиот претседател навести дека разговарале и за размена на територии и за безбедносни гаранции за Украина.
„Мислам дека сме доста блиску до договор. Украина ќе мора да се согласи, но можеби ќе каже ‘не‘. Зеленски мора да склучи договор. Русија е многу голема сила, а Украина не е, но има одлични војници“, изјави Трамп за „Фокс њуз“.
Пред почетокот на самитот, Зеленски кажа дека Украина смета на Америка и дека е време да се заврши војната.