Документи со ознаки на американскиот Стејт департмент кои биле пронајдени вчера наутро во деловниот центар на хотел во Енкориџ открија претходно непознати и потенцијално чувствителни детали за самитот на Доналд Трамп и Владимир Путин. На осум страници, оставени случајно, биле споделени точните локации и времето на состаноците на самитот и телефонските броеви на вработени во американската влада.
Тие биле пронајдени од тројца гости во еден од јавните печатачи во хотелот со четири ѕвездички „Капетан Кук“, сместен на 20 минути од базата „Елмендорф-Ричардсон“, каде што се состанаа лидерите на САД и Русија за да разговараат за Украина.
Сајтот „НПР“ објави дека првата страница содржи податоци за состаноците, вклучувајќи ги и имињата на просториите во базата каде што ќе се одржат. Тие открија и дека Трамп имал намера да му подари на Путин церемонијален подарок.
На страниците од два до пет се наведени имињата и телефонските броеви на тројца членови на американскиот персонал, како и имињата на 13-мина американски и руски државни функционери. На страниците шест и седум беше опишано како ќе се служи ручекот на самитот и за кого. Табелата со седење покажува дека Путин и Трамп требало да седат еден спроти друг за време на ручекот, кој на крајот беше откажан откако самитот заврши порано од очекуваното.
Документите покажаа дека тој бил замислен како едноставен оброк од три јадења: зелена салата, филе мињон/риба и крем бруле за десерт.